11 млади научници ги презентираа своите проекти од областа на животната средина

Преку Мрежата за искуствено учење, стотици ученици имаат можност да учат за природните науки, преку експерименти кои сами ги спроведуваат

Фото: Македонско еколошко друштво

Единаесет млади научници успешно спроведоа 11 научно истражувачки проекти, соопшти Македонското еколошко друштво (МЕД). Оттаму информираат дека станува збор за проекти кои се занимаваат со истражување на биолошката разновидност, но и проекти од областа на заштита на животната средина и кревање на јавната свест.

Младите научници, во присуство на своите колеги и некои од менторите, ги презентирале извештаите од нивните проекти.

„И покрај тоа што во текот на целата година, има толку многу активности кои се потребни за да се реализираат сите овие грантови, на крајот кога младите грантисти ќе ги презентираат своите извештаи, сум екстремно горд за успешно завршената работа. Мислам дека енергијата која ја инвестирам во поддршка за реализирање на грантовите, навистина вреди и допринесува за научната работа во Македонија“, вели Драган Арсовски од Македонското еколошко друштво.

Преку Мрежата за искуствено учење стотици ученици имаат можност да учат за природните науки, преку експерименти кои сами ги спроведуваат, секако под менторство на спроведувачите на работилниците. Тимот на МЕД е горд што во македонското општество постои голем потенцијал за научно истражувачка дејност.