Млади од целата земја ја полнеа апликацијата iNaturalist со фотографии од нашиот богат биодиверзитет

Младите истражувачи учествуваа на 12 БиоБлиц настани на кои регистрираа разновидни диви видови и за два месеци собраа околу 6.000 набљудувања од речиси 1.100 видови

Фото: Го Грин

Повеќе од 200 млади од седум региони на Северна Македониjа, со фотографии ја документираа биолошката разновидност на земјата кои ги поставија на мобилната апликација iNaturalist. Ученици од осум училишта беа дел од проектот „БиоОткритие 2023“ на граѓанската организација Go Green / Биди Зелен и продукциската компанија Волатиле Медиа, прв проект посветен на развојот на граѓанската наука кај нас.

Младите истражувачи учествуваа на 12 БиоБлиц настани на кои регистрираа разновидни диви видови и за два месеци собраа околу 6.000 набљудувања од речиси 1.100 видови. Денеска во Природонаучниот музеј во Скопје беше отворена изложбата „Нашиот биодиверзитет“ составена од колажи со над 500 нивни фотографии, која ќе може да се посети до 19 декември.

„Учесниците открија многу различни видови околу себе, поточно над 1000 различни видови на растенија, габи, инсекти, влекачи и цицачи. Младите истражувачи собраа најмногу податоци за видови кои се одгледувани и за животни во заробеништво наместо диви видови, што е јасен индикатор за слабото разбирање на биолошката разновидност како концепт, но и за состојбата на нивната непосредна животна средина“, рече Ксенија Путилин- Стамкоска, проектен координатор.

Таа посочи дека во соработка со еко клубовите и менторите-наставници ја промовирале бесплатната апликација за набљудување на природата iNaturalist, преку која младите можат да учат за природата во нивната близина и да го разберат начинот на кој може да придонесуваат кон научни истражувања.

Заменик министерката за животна средина, Христина Оџаклиеска посочи дека биолошката азновидност игра клучна улога во одржување на функционалноста на еко системите со што се обезбедуваат конкретни добра и услуги кои се од пресудно значење за човекот.

„Нашата држава поседува значаен геодиверзитет и биодиверзитет, за кои е важно да се преземет конкретни и навремени мерки за заштита, бидејќи неконтролираните активности на човекот ја нарушуваат рамнотежата во природата“, рече Оџаклиеска.

Најуспешните млади истражувачи добија награди, за најмногу набљудувани видови како тим, најмногу набљудувани видови на учесник и најголема разновидност на набљудувани видови од учесник беше наградено училиштето „7 Марси“ од село Челопек и два нивни ученика, наградата за најголема разновидност на набљудувани видови од тим беше за извидничкиот одред „Скаут“ од Куманово, а пофалница доби и ученик на ООУ „Александар Македонски“ од Скопје.

„Ја искористивме мрежата на млади соработници која ја има Го Грин низ целата земја  за да вметнеме еден нов интересен интерактивен метод преку користење на технологија во формалното образование. Заедно со наставниците и училиштата им го доближивме биодиверзитетот и граѓанската наука на младите“, рече Мила Јовановска, претседателка на „Го Грин -Биди зелен“.

Директорот на Волатиле Медиа, Џорџ Стамкоски посочи дека ова е првиот македонски проект за граѓанско научно истражување што е финансиран од Европската Комисиjа во рамките на Програмата Horizon Europe за истражување и иновации, коjа финансираше 34 вакви проекти низ цела Европа. Граѓанската наука кај нас не е широко распространета и прифатена, но со технолошките можности како што е апликацијата iNaturalist, е одлична можност младите генерации со мала обука да станат граѓани истражувачи и да допринесат за собирање и анализирање на податоци за природата, кои се доволно добри да се користат за научни истражувања.