Читалните во библиотеката „Браќа Миладиновци“ ќе почнат со работа од 1 септември според протокол

Читалните во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе почнат да работат од 8 до 19 часот, од понеделник до петок, информираат од таму. За работа на читалните ќе важи посебен протокол, за да се овозможи заштита на корисниците и на вработените од ширењето на коронавирусот.

„За влез и излез од објектот пред секое влегување се дезинфицираат рацете.Пред влегувањето во читалната, се мери телесната температура на корисникот. На пријавница се покажува членска карта и се добива соодветно место за седење. Се евидентираат времето, име, презиме и податоци за контакт, странката одговара на прашања дали бил/а во контакт со лице заразено со Ковид 19 и дали има забележливи симптоми. Напуштање на местото за седење се најавува на пријавница,“ се вели во соопштението.

Масите и столчињата се наоѓаат на растојание од најмалку 1,5 до 2 метра и е ограничен бројот на посетители во читалните. Во читалната 1 на прв кат има 30 седишта, а во читалната 2 на втор кат – 25 седишта.

За одржување на хигиената во објектот, санитарните простории ќе се дезинфицираат на секои 2 часа, а по напуштање на местото за седење тоа ќе се дезинфицира и ќе се распределува по изминати 10 минути.