Студентска петиција: Читалницата во „Браќа Миладиновци“ да работи нонстоп во пресрет на испитната сесија

Читалницата во библиотеката од почетокот на годинава работи со скратено работно време, во две смени, а се затвора во 20 часот

Градската библиотека Браќа Миладиновци - Скопје / фото: Владимир Петков, Wikimedia Commons

Преку онлајн петиција, студенти во Скопје бараат читалницата во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ да го врати 24-часовното работно време после празниците.

Читалницата во библиотеката од почетокот на годинава работи со скратено работно време, во две смени, а се затвора во 20 часот. Според информации добиени од вработени во градската библиотека, како и според соопштението објавено на влезот во читалницата, ова работно време ќе продолжи до 22 јануари, од кога се очекува таа повторно да биде отворена 24/7.

фото: студенти до Мета.мк

Студентите во петицијата бараат работењето без прекин да се врати уште сега, со образложение дека многумина од нив ја немаат удобноста да учат во нивните домови.

„Добар број студенти се вратени во Скопје и често условите во нивниот дом не им го дозволуваат потребниот мир и амбиент за учење. Сакаме сите студенти да имаат можност да учат во читалницата. Ве молиме потпишете ја петицијата за да може таа да биде отворена 24/7“, стои во петицијата која во моментот на објавата на текстот брои над 500 потписи.

Слична петиција имаше и пред две години, кога претставници на Универзитетското студентско собрание при УКИМ се сретнаа со скопската градоначалничка Данела Арсовска, по што беше донесена одлука работното време на читалната во „Браќа Миладиновци“ да се врати на 24 часа.