На барање на студентите, читалната во библиотеката „Браќа Миладиновци“ ќе работи нон-стоп

Градската библиотека Браќа Миладиновци - Скопје / фото: Владимир Петков, Wikimedia Commons

Работното време на читалнaта во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, по барање на студентите, се продолжува на 24 часа, соопштија од Град Скопје. Ова било договорено на вчерашната средба на градоначалничката Данела Арсовска со претставничките на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ), Ева Цветковска и Вера Палевска.

Цветковска и Палевска во име на студентите побарале да им се овозможи да ја посетуваат читалната непречено 24 часа во денот, односно студентите да не се соочуваат со проблеми од типот на затворени читални секогаш кога тие ќе им бидат потребни. Библиотеката „Браќа Миладиновци“, досега, поради пандемијата, беше отворена во периодот од 08 до 20 часот во работните денови и од 07 до 15 часот во сабота.

Од УСС УКИМ со месеци бараат од институциите враќање на 24-часовното работно време на читалната во оваа библиотека. Студентите организираа и онлајн петиција преку која бараа враќање на полното работно време и која беше потпишана од над 1.500 студенти.

Од управата на „Браќа Миладиновци“ тогаш велеа оти чекаат на одлука на Комисијата за заразни болести за да го вратат полното работно време.

Инаку, УСС УКИМ на крајот на 2021 година упати неколку „новогодишни“ барања до државните институции, а меѓу нив беше и продолжувањето на работното време на „Браќа Миладиновци“.

„Први кои изреагираа на нашите новогодишни барања и нè повикаа на состанок да продискутираме околу нив беше Град Скопје. Конечно го свртевме институционалниот лавиринт за да се отвори читалната Браќа Миладиновци 24/7 и успеавме, од понеделник, 17 јануари, читалната повторно ќе работи 24/7“, соопштија од УСС УКИМ.

Претходно, барањето за враќање на полното работно време на читалните беше прифатено и од страна на Државниот студентски центар.