Читалницата во „Браќа Миладиновци“ од денес повторно е отворена 24/7

Онлајн петицијата на студентите што собра над илјада потписи ја натера управата на градската библиотека да ја смени одлуката

Градската библиотека Браќа Миладиновци - Скопје / фото: Владимир Петков, Wikimedia Commons

По онлајн петицијата и пишувањата на Мета.мк, читалницата во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје од денеска го враќа 24-часовното работно време.

Вакво известување веќе е објавено на влезот од библиотеката.

Читалница од почетокот на годинава работеше со скратено работно време, во две смени и до вчера се затвораше во 20 часот. Ова работно време требаше да продолжи до 22 јануари, наводно поради празниците, но онлајн петицијата иницирана од студенти што собра над илјада потписи, ја натера управата да ја смени одлуката поскоро.

Во петицијата студентите бараа да се врати работењето без прекин, со образложение дека многумина од нив ја немаат удобноста да учат во нивните домови, во пресрет на колоквиумските и испитни сесии.

Повеќе студенти со кои разговараше Мета.мк велат дека неделава во читалницата доаѓале зголемен број на студенти да работат и учат, поради што рекоа оти е потребно да се врати 24-часовното работно време.

Слична петиција имаше и пред две години, која, исто како и сега, заврши успешно и предизвика притисок врз градските власти и раководството на библиотеката да го вратат работењето на читалницата нонстоп.

Студентска петиција: Читалницата во „Браќа Миладиновци“ да работи нонстоп во пресрет на испитната сесија