Фото: Министерство за здравство

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 1.034 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот. Вкупно 686 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град, иако кога ќе се соберат испратените бројки од Министерството за здравство за ковид центрите во Скопје, оваа бројка изнесува 679.

Според Министерството за здравство, вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 1.720 и има околу 240 празни болнички кревети во ковид центрите. Во скопските болници, утрово до 8 часот имало 90 слободни места.

„Имајте предвид дека бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти“, информираат од Министерството за здравство.

По извештаите на болниците кои пристигнуваат во Министерството за здравство на дневна основа, во болницата во Битола се хоспитализирани 99 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19.

Во болницата во Штип се хоспитализирани 82 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 52 пациенти, во Велес се лекуваат 89 болни, а во Куманово 173 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид има хоспитализирано 110 пациенти, во Прилеп 127, во ковид центарот во Гостивар 42, а во Струга 14 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 87 пациенти, во Кочани 36, во Кичево 23, Кавадарци 79, а во Гевгелија 21 лице позитивно и суспектно на корона вирусот.

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје се хоспитализирани 87 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 686 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

Во последното деноноќие, на Интерните и хируршки клиники имало 45 приеми.

Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 20 примени пациенти и 11 биле примени на Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден. Во Козле не биле примени нови болни, а 2 пациенти биле примени на Клиниката за детски болести.

Во изминатите 24 часа дома се пуштени 68 оздравени пациенти.