fbpx

Бројот на активни пожари се намалува, огнот во селото Раовиќ постојано се разгорува, жариштата ќе се бараат со термални камери

-

Бројот на активни пожари на територијата на С. Македонија се намалува. Во изминатите неколку денови стивнаа огнените стихии во Малешевијата, во Прилепско, Кумановско, а активни се помали локации во Скопско. Според информациите од Центарот за управување со кризи, вчера сè уште бил активен пожарот кај селата Дивље и Крушје и се ширел кон ливади со сува трева, но е под контрола и локализиран. На локацијата гаснат 12 вработени од шумската служба Караџица и петмина пожарникари со две возила. Пожарот кој во пред два дена избувна во атарот на велешкото село Џидимирци вчера самиот се изгаснал по врнежите од дожд.

Активен е и пожарот во општината Сарај, кој се заканува и на резерватот Јасен. Во текот на вчерашниот ден на оваа локација беа француските експерти за високо ризични пожари и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, заедно со полициските специјалци, кои ги прегледуваа можните жаришта. Изгаснати се и пожарите кај селата Топлица, и од селото Ракле кон селото Крстец.

На утринската прес конференција на Центарот за управување со кризи беше информирано дека пожарот кај селото Раовиќ е активен на непристапен терен, каде што гаснат армиски хеликоптери, но огнот одново и одново, постојано се разгорува. Активен е и пожарот во Барово, каде што гори трева. Во Виница пожарот на градската депонија е локализиран, но тлее.

„Во моментов трае состанок на офицери за врска на Европскиот механизам за цивилна заштита и француски експерти за гаснење на високо ризични пожари на кој се разгледува состојбата и се крои стратегијата за следните две дена. Пожарот во општината Сарај е специфичен од причина што откако ќе биде изгаснат продолжувааат да горат корените на дрвјата и повторно избива пламен. Заради тоа, вчера припадници на полициските сили рачно ги гаснеа видливите точки што чадат. Сепак, ноќта повторно се разви пожар на една локација. Заради тоа утре 30 припадници на специјалните сили, заедно со француските експерти и со термални камери, ќе излезат на локацијата да се најдат овие сите преостанати жешки точки“, посочи директорот Стојанче Ангелов.

Во текот на измнинатите десетина денови, во земјава пристигна помош за гаснење на пожарите од повеќе држави. Покрај Франција, помош испратија и Австрија, Словенија, Романија, Бугарија, Србија, Црна Гора…

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски денеска изјави дека пожарите се една добро научена лекција за државата.

„Кога ги отвораме темите за безбедност, здравство, за заштита и спасување, во нормални времиња кога немамe кризи, сите овие прашања ги оставаме на страна. А кога имаме кризи, поплави, пожари, Ковид-19, сите гледаме колку е важно континуирано да се вложува постојано во овие сектори, да се вложува и во човечкиот потенцијал, да се вложува и во материјално-техничките средства, бидејќи едното без друго не е можно, вели Спасовски.

Тој информира дека дневно има по околу 500-650 полициски службеници, 200 мотопатроли и 200 возила ангажирани за пожарите и приближно по 200-210 пунктови за контрола, за брзо детектирање на пожарите и за контрола на почитување на одлуката за забрана за движење во шумските предели.

„Точно е дека дел од пожарите се подметнати или се предизвикани од невнимание на одредени луѓе и токму заради тоа мора да имаме посериозна одговорност – досега МВР има приведено 17 лица, повикани во полициска станица се дополнителни 16 лица, имаме поднесено 3 кривични пријави и 2 прекршочни. Се’ уште се работи на добар дел од овие случаи и штом ќе заврши со целата постапка ќе се поднесат соодветни поднесоци“, вели Спасовски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...