Вистиномер: Додека пола држава гори, Ангелов твита спинови за политичките противници

Шумски пожар кај Пехчево. Фотографија: Фејсбук-страница на Дирекција за заштита и спасување, 9 август 2021

Неспорно е дека државните институции треба навремено да реагираат на лажните вести. Но, демантите треба да бидат во насока на целосно, точно и транспарентно информирање на јавноста. А, не како во конкретниот случај со директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, да се долева „масло на огнот“ преку спинови кои се во функција на партиска пропаганда и политичка борба со неистомислениците, пишува „Вистиномер“ во својот нов Контраспин.

Текстот го пренесуваме во целост подолу:

Масовна хистерија со ширење на навреди и говор на омраза ги зафати социјалните мрежи откако еден од корисниците на Твитер сподели лажна информација дека била украдена моторна пила на австриските пожарникари. По виралното ширење на оваа невистина, се произнесоа и неколку државни институции да ја демантираат информацијата. Меѓу нив беше и директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, кој во еден дел од демантот објавен на Твитер  ја спинува вистината.

 

Спин: Да бидам искрен за миг и јас поверував на лажната вест за украдената моторна пила од австриските пожарникари. А и како да не поверувам кога токму тој ден околу австријците се моташе делегација на ВМРО ДПМНЕ.

[Извори: Твитер и Фронтлајн; датум:12.09.2021]

 

Контраспин: Ваквиот начин на комуникација со јавноста е навредлив, некоректен и крајно несоодветен, особено за директор на државна институција. Што сака да каже директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов со ова? Дека оние претставници на ВМРО-ДПМНЕ кои дента биле на терен се крадци?! Каде му се доказите за тоа? Дали доколку навистина беше украдена пилата, за тоа повторно директно ќе ги обвинеше претставниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои биле таму присутни? Ангелов не е претставник на органите за прогон. Каква било претпоставка за сторено кривично дело треба да се пријави во полиција и обвинителството да поведе соодветна постапка. А, не да се обвинува на социјални мрежи без никакви докази.

Уште понесоодветно е времето коешто го одбра Ангелов да собира политички поени. Додека пола држава гори веќе десетина дена, Ангелов наместо да спинува и да твита политички пораки треба да си ја врши својата работа. Тој е на чело на Центарот за управување со кризи – една од најважните институции кога се случуваат кризни, опасни и ризични ситуации во државата како оваа со пожарите.

Центарот за управување со кризи, како и Управувачки комитетот и Групата за процена, е формиран заради предлагање одлуки и обезбедување постојани консултации, координација, навремена реакција, ефикасност и соодветно искористување на ресурсите што се на располагање во случај на кризна состојба, а и за обезбедување навремена, квалитетна и реална процена на загрозеноста на безбедноста на Република Македонија од ризици и опасности.

 

Како настана лажната вест?

Корисник на социјалната мрежа Твитер сподели информацијата дека им била украдена моторната пила на пожарникарите од Австрија (оригиналниот твит е избришан). Потоа информацијата со брзина на светлината се рашири и на Твитер и на Фејсбук без притоа да има доволно податоци кои ќе ја потврдат нејзината веродостојност. Оправдувањето на оној кој прв ја сподели информацијата е дека неговата мајка била на терен и му ја кажала веста. Откако се потврди дека информацијата не е точна, тој се извини и како дел од преземањето на одговорност понуди да даде донација од 5.000 долари.

Без дополнителни проверки, оваа информација ја објави и порталот „Булевар“, кој како извор цитира корисник на социјалната мрежа Фејсбук.

Потоа стигна демант од Дирекцијата за заштита и спасување.

Дирекцијата за заштита и спасување ги демантира лажните вести и објавата на Бојан Петровски на неговиот Фејсбук профил за наводно украдена пила од австриските пожарникари.

#FakeNews

Ама и покрај тоа што беше споделена нецелосна и непотврдена информација, „огнот“ на социјалните мрежи се рашири и „ветерот ја дувна“ информацијата на многу профили на социјалните мрежи каде што во неретки случаи се разви и говор на омраза, навреди, клевети и пропаганда.

Граѓаните не треба слепо да веруваат во она што ќе го прочитаат на социјалните мрежи, само затоа што нешто звучи како да е вистинито. И, секогаш треба да проверуваат и пред да стиснат на копчето „сподели“.

Она што треба државните институции да направат е навремено да реагираат на лажните вести. Но, демантите треба да бидат во насока на целосно, точно и транспарентно информирање на јавноста. А, не како во конкретниот случај, да се долева „масло на огнот“ преку спинови во функција на партиска пропаганда и политичка борба со неистомислениците, пишува „Вистиномер“.