fbpx

Бројот на граничните премини со Бугарија не одговара на потребите на граѓаните и бизнисот

-

Новата програма за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија 2021-2027, според најавата на македонското Министерство за локална самоуправа, ќе биде насочена кон изградба и развој на транспортната поврзаност помеѓу двете земји.

Во источниот дел на државата, целиот промет на луѓе и стоки се одвива преку единствениот премин Делчево – Станке Лисичково, кој е преоптоварен особено за време на празници и зимската сезона.

Преминот од македонска страна е реновиран, а реконструиран е и патот што води кон преминот, додека работите на реконструкција од бугарска страна сè уште не почнале. Од македонска страна има три ленти, но, од бугарска страна има само две ленти, додека бугарските власти со години најавуваат реконструкција.

Заедничката работна група меѓу Македонија и Бугарија при дефинирањето на програмата за 2021-2027 во приоритетите што ги дефинира има изградба или реконструкција на еден граничен премин.

Во информацијата од состанокот се најавува или изградба на граничен премин Клепало кај Струмјани или продолжување на граничниот премин Логодаж меѓу Станке Лисичково и Делчево.

– Која мерка ќе биде поддржана ќе се знае од социоекономската анализа која е во тек, а треба да биде готова до крајот на годината, додека пак следната година финансиската рамка за проектот треба да ја изгласа Европскиот парламент – информираат од македонското Министерството за локална самоуправа.

Со оваа одлука се засегнати двете општини – Берово и Делчево и секоја има свои аргументи зошто преминот треба да биде изграден на територтијата на нивната општина.

Берово веќе 19 години чека бугарската страна да го изгради граничниот премин „Клепало“. Остануваат уште седум километри пат до готовиот премин од македонска страна.  „Клепало“ кај Берово е со изграден пат и целокупната инфраструктура, додека од бугарска страна, и покрај постојаните најави, е слеп пат.

– Подобро да се развие уште еден град преку отворање на нов премин, отколку да се оди на реконтрукција на постоечки – е ставот на Звонко Пеќевски, градоначалник на Општината Берово.

Неговите аргументи се дека со отворањето на преминот Клепало се скратува патот до Сандански, Бугарија, а поблиску се и другите центри. Од контактите со општината од другата страна, Општина Струмјани, која е збратимена општина на Берово, има интерес за отворање на преминот со цел заживување на врските меѓу двете држави во овој дел.

Пеќевски вели дека минатата година централната бугарска власт инвестирала во изградба на пат од 27 километри од Струмјани кон граничнот премин, со што покажале дека има интерес за овој проект, но остануваат уште седум километри црн пат.

– Од наша страна на граничниот премин Клепало, инфраструктурата, која стои веќе 19 години, ќе треба да се реновира, особено внатрешноста на терминалот – додаде Пеќевски.

Делчево пак е за проектот „Црна Скала“. И тоа е премин „во една насока“. Во 2002 година, во време на владеењето на Љубчо Георгиевски, кој потекнува од оваа општина, 1,7 милиони евра од парите од продажбата на „Телеком“ се употребени за трасирање на пат во должина од десетина километри. Патот никогаш не се асфалтира, откако бугарската страна, не покажа интерес да инвестира, и покрај најавите за отворање на овој премин.

– „Црна Скала“ ќе го растовари сообраќајот од граничниот премин „Делчево“ и ќе создаде уште една природна врска која отсекогаш постои на овој дел од државата.  Преку овој граничен премин се скратува патот за Софија за 60 километри. Завршени се земјените работи како и комплетата експропријација, останува уште тампонирањето и афалтирањето од наша страна. Со овој граничен премин, се зголемуваат можностите за економско поврзување за што постои интерес од двата погранични региони – соопштија од Општина Делчево.

Во 1993 година Македонија и Бугарија потпишале договор за изградба на три гранични премини: „Клепало“, кај Берово, „Црна Скала“ кај Делчево и „Ајдутски кладенец“ кај Пехчево.

Засега факт е дека и покрај договорот за три нови гранични премини, во функција е само еден од бугарска страна, најстариот Делчево – Станке Лисичково, но и тој бара реконструкција.

Со години се најавува изградба на уште една лента и реконструкција на терминалот. На средбите на заедничката комисија претставниците на Бугарија, го истануваат податокот дека се чека тендер за реконструкција, но засега работите не се почнати.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК: Jавен увид и промени во избирачкиот список може да се прават до вечерва на полноќ

Апелираме до граѓаните дека јавниот увид во Избирачкиот список како и промена, запишување и бришење на податоци ќе може да се направи уште денес, 18 март, до 24 часот, соопшти...