fbpx

Борбата против сексуалното насилство во фокус на новиот проект на УНДП и МВР

Најчести видови на криминал од овој тип се навредите, заканите и уцените со компромитирачки материјали кои се насочени кон деца, поранешни партнери и припадници на ЛГБТ заедницата

-

Нов проект што во наредниве 18 месеци ќе го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе се фокусира на борбата против сексуалното и родово – базираното насилство на интернет, преку зајакнување на капацитетите на МВР.

Како што соопштија од УНДП, станува збор за исклучителна важна активност, со оглед на тоа што, според податоците на Секторот за компјутерски криминал во МВР, регистриран е раст на бројот на кривични дела извршени со компјутерски криминал, додека интернет просторот сè почесто се злоупотребува како место за сексуално вознемирување и за демнење.

Најчести видови на криминал од овој тип се навредите, заканите и уцените со компромитирачки материјали кои се насочени кон деца, поранешни партнери и припадници на ЛГБТ заедницата.

„МВР активно работи на превенција и борба против сите видови компјутерски криминал. Од годинава делата демнење и полово вознемирување се додадени во Кривичниот законик што го проширува нашиот делокруг на работење и ни овозможува дополнително да се насочиме кон спречување на ваквите дејствија. Проектот кој ќе го имплементираме со УНДП е особено значаен за да ги зголемиме капацитетите на полициските службеници на сите нивоа, особено на знаењата и вештините кои се неопходни при обезбедување докази и успешно гонење на извршителите на компјутерски криминал“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Дигитализацијата носи многу предности за поттикнување на одржливиот општествен развој, но истовремено отвора простор за бројни злоупотреби на интернет, рече постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан.

Станува збор за сериозен проблем со кој се соочуваат сите земји на глобално ниво. Токму заради тоа одлучивме да го искористиме искуството на Република Кореја, и нивните позитивни практики и знаења да ги пренесеме во Северна Македонија“, изјави Григоријан.

Во рамки на проектот прво ќе биде спроведена компаративна анализа на законодавството кое ја регулира оваа проблематика. Потоа ќе следува зајакнување на капацитетите на полициските службеници за превенција на сексуална експлоатација и вознемирување на интернет, преку тренинзи кои ќе ги држат претставници на Националната полициска агенција на Република Кореја. Во рамки на проектот ќе се спроведе и кампања за едукација и зголемување на свесноста на граѓаните за сексуално и родово – базирано насилство на интернет, со акцент на личната заштита и вештините за препознавање на сторителите на овој вид криминал.

Од УНДП велат дека особен фокус ќе биде ставен на заштитата на жените, бидејќи според глобалните истражувања, жените имаат 27 пати поголем ризик да бидат вознемирувани на интернет во споредба со мажите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЕИБ: Нема доволно податоци од регионалните претпријатија за да се процени нивниот импакт на околината

Според ново истражување на Европската инвестициска банка (ЕИБ), малите и средните претпријатија во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ) не објавуваат доволно информации во однос на ЕСГ, мерка со...