Заболената болничарка со конго-кримска хеморагична треска од денеска го прима лекот „Рибавирин“, информираше денеска директорката на Инфективната клиника во Скопје, д-р Милена Стевановиќ. Лекот пристигна вчера, а се користи при тешки клинички слики на болеста. Хоспитализираната болничарка е во стабилна состојба и влегува во фаза во која се очекува крварење.
Стевановиќ објасни дека целта на давањето на лекот е да се помине кризата во развојот на болеста.
„Овој лек е антивирусен и целта е да се спречи размножувањето на вирусот и да се намали неговата моќ. Овој лек може да има несакани ефекти и затоа во нашето лекување се вклучени хематолог и трансфузиолог“, рече Стевановиќ.
Инаку, болничарката од Инфективната клиника во Скопје се зарази од 27-годишната жена од Штипско, која што почина на 30 јули годинава од конго-кримска хеморагична треска по убод од крлеж.
Двата случаи на конго-кримска хеморагична треска ставија и повеќе лица во изолација. По смртта на жената, во изолација беа ставени 29 контакти, а само болничарката пројави симптоми. Контактите од првиот позитивен случај се под надзор до денеска.
Дополнително, откако се дозна за заразената болничарка, беа издадени решенија за изолација на уште 11 лица, кои ќе бидат 14 дена под надзор.