Беровецот Адем Чандаров, тврди дека бил нападнат од физиотерапевт, вработен во Клиничката болница во Штип, затоа што додека бил на посета, побарал помош за неподвижна болна пациентка. Раководството на болницата, пак, го тврди спротивното и од таму велат дека нивниот вработен се здобил со повреди на раката, крв увото, носот, за што има и лекарско уверение.

Настанот се случил пред два дена, во момент кога Чандаров побарал физиотерапевтот, кој бил на смена, да и помогне на пациентката, која била во истата соба како и неговата роднина и барала помош од персоналот. Според невладината организација КХАМ од Делчево, кој му пружа правна помош на Чандаров, дошло до расправија, по што физиотерапевтот од Одделението за ортопедија го удирал со тупаници, откако прво го фатил за коса и го турнал на земја.

-Во моментот ги немаме сите детали за настанот, не можеме да кажеме точна правна квалификација, меѓутоа, во најмала рака сметаме дека е кривично правен настан со телесна повреда. Но, имајќи предвид дека се работи за јавна здравствена установа и лице кое извршува јавна дејност можеби се работи за потешко кривично дело, по кое ќе треба да постапува Јавното обвинителство – изјави адвокатот, Аксел Ахмедовски, кој најави тужба.

Од Клиничката болница го потврдуваат инцидентот, но велат дека Чандаров и покрај забраната за посети, насилно влегол во болницата, по што вербално и физички го нападнал нивниот вработен.

– Нашиот вработен има повреди и веднаш му е пружена помош на одделението за уво, нос и грло и на психијатриското одделение. Има повреди на раката, крв увото, носот и тупаници по телото за што има и лекарско уверение – изјави економската директорка на болницата, Елизабета Папарова.

Случајот, два дена подоцна, физиотерапевтот го пријавил во полиција. Од СВР Штип потврдуваат дека излегле на терен и дека истрагата ќе покаже кој кого нападнал.

Ова не е прв случај на повреда на права на пациенти, кои завршиле на суд. Против вработени во Клиничката болница во Штип актуелни се два случаи во Основниот суд во Штип. Рочиштата се закажани за претстојните месеци.