„Бела ноќ“ годинава ќе се одржи на 25 септември, богата програма на различни локации низ Скопје

Овогодинешното издание на „Бела ноќ“ ќе се одржи на 25 септември на неколку локации низ Скопје. Како дел од настанот, на два музички подиума во МКЦ ќе се одржи 11-тото издание на ПМГ Рекордингс фестивалот, на кое ќе настапат ПМГ Колектив, Сетстат, Марија Каева, Блекстејт, Луфтханза, Диџеј Магија, Дарко Јорданов, Нино Наумов, Божидар Видоески, Илина Ангел и DJ UX од Амок Радио. Посетителите на МКЦ во текот на вечерта ќе може да се запознаат и со иновативната урбана опрема Urban snake 2.0.

Во Куршумли Ан, од 20 часот ќе се одржи концертот на Фолтин и Eye Cue, како и изложбата на „Скопска стрип акција“ на Томе Трајков.

„Бела ноќ“ годинава ќе се одржи и на Транспортниот центар на новоизградениот Велоштад, каде ќе се реализира изложбата „Автобус на уметноста“, на која со свои дела ќе се претстават: Ана Трајковска, Јана Луловска, Доротеј Нешовски, Ана Ивановска, Владимир Здравески, Владимир Милиќ, Марија Јаќовска, Рита Коневска, Душан Стефановски, Давор Кешкец и Ана Јовановска.

Во Мала Станица ќе се одржи изложбата „Допирот“ – идни екологии, додека во Чифте Амам за посетителите ќе биде отворена изложбата „Глува соба“ на Стојан Павлески.

Во Паркот на Авиончето во Аеродром ќе се одржи концерт, на кој ќе настапат Пајак, Дани Димитровска со Камерен оркестар и Ѓоко Таневски и Кристина Арнаудова.

На зелениот покрив на Домот на градежници филмски проекции ќе се организираат во рамките на Ехо Фестивалот на планински филм, коишто ќе започнат од 19:30 часот. Посетителите ќе можат да ги погледнат следниве филмови: „Исповедувањата на еден тркач“, „Миртл Симпсон – живот на мраз“, „Матерхорн – Лавовски гребен“, „Од океанот до Асгард“, „Во планината“ и „Умствена рамка“.

Во населбите Драчево и Ченто ќе се одржи кино на отворено, на кое од 20 часот ќе се прикажат филмовите “The Whistlers“/„Свиркачите“ и “Bye Bye Morons“/„Збогум Морони“.

За верните следачи на твитер наградите, од 20 часот кај езерцето во Градскиот парк ќе се одржи #БелаТвитерНоќ, додека на Школка ќе има изложба „Занемени“ на Страхил Петровски.

Од Градот Скопје информираат дека на сите настани во рамките на „Бела ноќ“ ќе мора да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19, за што од посетителите ќе биде побарано да приложат сертификат за вакцинација или за прележан корона вирус. Поради запазување на капацитетот и бројот на присутни посетители, влезот на настаните ќе биде по принципот „прв дојден – прв услужен“.