Актуелниот претседател на САД, Џо Бајден и неговиот претходник Донанлд Трамп, вчера и официјално ги обезбедија претседателските номинации на Демократската, односно на Републиканската партија откако ги однесоа одлучувачките победи на прелиминарните избори во сојузните држави Џорџија, Мисисипи и државата Вашингтон, јавуваат светските медиуми. Aмериканските гласачи за осум месеци ќе се соочат со реванш на претседателските избори од 2020 година.
Номинациите ќе бидат официјализирани на партиските конвенции летово.
Моменталниот претседател Бајден, вчера изјави дека е „почестен“ што гласачите ја поддржале неговата кандидатура за реизбор „во момент кога заканата што ја претставува Трамп е поголема од кога било“.
Тој ги пофали позитивните економски трендови, но тврди дека Соединетите Американски Држави се соочуваат со предизвици за нивната иднина како демократија, како и од оние што сакаат да ги усвојат ограничувањата за абортусот.
„Верувам дека американскиот народ ќе избере да продолжи да се движиме во иднината“, рече Бајден во изјавата од неговата кампања.
Актуелната функција му даде предност на Бајден и тој не се соочи со сериозни предизвици за номинацијата на демократите.
Во меѓувреме, Трамп останува многу популарен кај републиканската гласачка база.
Неговата кампања за втор мандат во Белата куќа ги поддржува построгите закони за имиграција, вклучувајќи го и ветувањето за „запечатување на границата“ и спроведување на рекордни депортации.
Трамп, исто така, вети дека ќе се бори против криминалот, ќе го зајакне домашното производство на енергија, ќе го оданочува странскиот увоз, ќе стави крај на војната во Украина и ќе продолжи со пристапот „Америка на прво место“ за глобалните работи.
Резултатите не се шокантни, бидејќи и двајцата досега доминираа на трката.
И двете нивни повторни номинации се чинеше дека се предодредени, и покрај анкетите кои покажуваат дека Американците се незадоволни од потенцијалот за нова пресметка меѓу Бајден и Трамп во ноември.