Компанијата „Airbnb“ (Ербиенби) најави дека воведува глобална забрана за употреба на безбедносни камери во имотите што се изнајмуваат преку нејзината платформа.
Промените во политиката на компанијата ќе стапат на сила на крајот од следниот месец, јави Би-би-си.
Платформата за изнајмување преку Интернет вели дека целта на овој чекор е да се поедностават правилата за безбедносните камери и да се даде приоритет на приватноста на гостите.
Корисниците на „Airbnb“ претходно изразија загриженост за употребата на надзорни камери во затворените простории.
„Овие промени беа направени во консултација со нашите гости, домаќини и експерти за приватност, и ќе продолжиме да бараме повратни информации за да се осигураме дека нашите политики функционираат за нашата глобална заедница“, изјави шефот за политика и партнерства на „Airbnb“, Џунипер Даунс.
Според него, новите правила се очекува да засегнат помала група огласувачи на платформата, бидејќи во поголем дел од огласите не е пријавено дека имотите имаат безбедносна камера.
Сегашните правила на „Airbnb“ дозволуваат користење на надзорни камери во заедничките простории како дневни соби и ходници, под услов локацијата на опремата да е јасно наведена во огласот. Платформата не дозволува поставување на камери во спални и бањи.
Новите правила забрануваат употреба и на надворешни камери кои се насочени кон внатрешноста на имотите.
Правилата, сепак, дозволуваат користење на камери на надворешните врати и монитори за бучава во заедничките простории. Овие уреди, исто така, треба да бидат наведени во огласот на „Airbnb“.
Најавата на „Airbnb“ доаѓа неколку денови откако американското хумористично шоу „Saturday Night Live“ (SNL) емитуваше лажна реклама на „Airbnb“ која вклучуваше шега за камера што е скриена во тоалет. Скечот брои над 1,3 милиони прегледи на Јутјуб.