Постепеното укинување на колачињата на „Гугл Хром“ почнува на 4 јануари

За почеток, само еден процент од корисниците на „Хром“, по случаен избор, ќе ја видат функцијата „Заштита од следење“ овозможена во нивниот прелистувач, што значи дека колачињата од трети страни ќе бидат стандардно блокирани

Photo by Firmbee.com on Unsplash

Како дел од својата тековна иницијатива „Privacy Sandbox“, технолошкиот гигант „Гугл“ веќе објави оти ќе започне да ги ограничува колачињата од трети страни во прелистувачот „Chrome“ (Хром), почнувајќи од првиот квартал во 2024 година, а сега е објавен и точниот датум: 4 јануари.

За почеток, само еден процент од корисниците на „Хром“, по случаен избор, ќе ја видат функцијата „Заштита од следење“ овозможена во нивниот прелистувач, што значи дека колачињата од трети страни ќе бидат стандардно блокирани.

На тој начин, кај овие корисници ќе биде ограничено следењето меѓу веб-страниците во име на приватноста.

Доколку се покаже оти функционира без проблеми, „Гугл“ најавува дека постепено ќе ја овозможува функцијата кај сите корисници на „Хром“ до втората половина на 2024 година.

Според извештајот на „StatCounter“ од ноември годинава, „Хром“ на Гугл зазема 62,85 отсто од уделот на светскиот пазар на прелистувачи, со „Сафари“ на „Епл“ на второ место со 20,04 отсто и „Мајкрософт Еџ“ на трето со само 5,5 отсто.