fbpx

Автопатот Кичево – Гостивар ќе почне да се гради во 2020 година

Првата делница од идниот автопат Кичево - Гостивар ќе се надоврзе на постојниот автопат во изградба меѓу Кичево и Охрид. Со реализацијата на овој проект би профункционирала и автопатската обиколница околу Кичево, а над 10 километри од целокупната траса на автопатот Кичево - Гостивар ќе може да се користи за возење веднаш по неговата изградба

-

Македонската влада планира кон средината на следната година да ја започне изградбата на автопатот Кичево – Гостивар на Коридорот 8. Од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека во моментов се комплетира проектната документација за првата делница – од Кичево до селото Букојчани, со должина од 12,7 километри.

– Тендерот за избор на изведувач очекуваме да биде распишан кон крајот на 2019 година и изградбата да започне кон средината на 2020 година – велат за Мета.мк од ЈП за државни патишта.

Првата делница од идниот автопат Кичево – Гостивар ќе се надоврзе на постојниот автопат во изградба Кичево – Охрид. Кога ќе се реализира тој дел од проектот, би профункционирала и автопатската обиколница околу Кичево, и над 10 километри од целокупната траса на автопатот Кичево – Гостивар ќе може да се користи за возење веднаш по неговата изградба.

За првата фаза од изградбата на автопатот Кичево – Гостивар веќе се обезбедени неповратни средства од Инвестициската рамка за Западниот Балкан на ЕУ во висина од околу 20 милиони евра, државата од сопствени средства ќе инвестира 6 милиони евра, додека останатите средства во износ од 79,2 милиони евра ќе бидат обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој. Вкупната вредност на оваа делница ќе изнесува 105 милиони евра, според проценките изнесени во документите на Инвестициската рамка за Западниот Балкан.

Автопатот Кичево – Гостивар ќе биде долг 42 километри, а ќе се гради во три фази. За втората и третата делница од Букојчани до Горна Ѓоновица, односно од Горна Ѓоновица до Гостивар, се обезбедени неповратни средства од 2 милиони евра за изработка на проектната документација.

Со овие средства ќе се изработи основниот проект за делницата од Букојчани до Горна Ѓоновица, како и идеен проект за трасата од Горна Ѓоновица до Гостивар.

– Во моментот се усогласува проектната задача за проектирање со ЕБОР и ИФИКО. Се очекува проектирањето да започне кон крајот на 2019 година – информираат од ЈП за државни патишта.

Идната изградба на трасата меѓу Гостивар и Кичево ќе значи многу за развојот на туризмот во Охридскиот регион, земајќи го предвид фактот дека Скопје и Охрид би биле целосно поврзани со автопат. Воедно, најголем дел од автопатската траса на Коридорот 8 кон Албанија би била завршена, а како недовршена ќе остане единствено трасата од охридското село Требеништа, преку Струга, до граничниот премин Ќафасан.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од понеделник, 29 април па до 6 мај, ќе бидат на пролетен распуст. Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе...