Министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, упати отворено писмо до Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во кое ја критикува опозицијата дека ги користи институционалните ресурси за партиски активности.

„Преку дел од медиумите се врши политичко етикетирање на вработените, истите се нарекувани со погрдни зборови („крлежи“, „штетници“, „корумпирана стока“), а институциите „штали“. Ова говори за фактот дека на вработените се гледа само како на „број на гласачи#, при што целосно се деградира нивниот углед и достоинство, како нивната егзистенција да треба да зависи од нечија политичка милост, а не од оцената за квалитетот и од нивната работа“, вели Арсовска-Томовска во писмото.

Таа додава дека претставниците на опозицијата во институциите ги користат институционалните ресурси за партиски активности.

„Со партиски ресурси или од партиски спонзори се финансираат постери, летоци и веб страни на кои се става државен потпис и со кој се повикува на авторитетот на државни институции, постојано се надминуваат законските надлежности и овластувања и се припишуваат туѓи надлежности“, додава Арсовска-Томовска во писмото.

Во писмото таа ја известува Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР дека опозицијата создава перцепција дека партијата на власт прави политички притисоци на вработените во јавниот сектор, а дека таа перцепција ја зајакнуваат невладините организации.

Министерката Арсовска-Томовска ја повика Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР објективно да ја следи состојбата, и објективно да известува за изборниот процес, единствено врз основа на докази и факти.