Извор: Министерство за одбрана

Министерството за одбрана денеска доби 13.500 брзи тестови за ковид-19, помош од Кралството Норвешка која ја побарало пред две недели, објасни министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Норвешка донација, од пред дванаесетина години, е и теренската болница што АРМ ја имаше поставено пред Клиниката за инфективни болести во Клиничкиот центар во Скопје, а сојузничката земја на Македонија неколку пати и донираше помош во справување со епидемијата на ковид. Норвешките и македонските воени лекари од 2008 година заедно служеа во Авганистан, а од следната година, како НАТО сојузници, повторно ќе опслужуваат теренска воена болница во централноазиската земја.

– Во период од само две-три недели, по значајната донација од 60 мобилни респиратори и друга опрема од НАТО, денеска повторно имаме значајна донација од нашите постојани пријатели, Кралството Норвешка – рече министерката на приемот на донацијата.

Од 13.500 тестови, АРМ ќе задржи 3.500, со кои ќе ги тестира војниците кои в недела ќе почнат курс за подофицери, и трупите кои одат на вежби или во операции надвор од земјата.

АРМ на Министерството за здравство минатата недела му стави на располагање и седум воени болнички возила, а со прогласување на кризна состојба, и практично сите свои капацитети. Од понеделник, 12 воени лекари и 20 медицински сестри ќе се вклучат во работата на цивилните клиники кои се справуваат со епидемијата.

– Вака се однесуваат пријателите. Наскоро ќе ја прошириме долгогодишната соработка во воената медицина. Норвешките и македонските лекари повторно заедно ќе служат во Авганистан. Норвешка веќе некое време има теренска болница во Кабул, каде наскоро некои од најдобрите норвешки и македонски лекари ќе работат заедно. Најголема форма на солидарност е нашите луѓе заедно да служат во борбена зона, рече потполковник Егип Далтвејт, норвешкиот воен аташе во Македонија.

Македонските и норвешките лекари веќе служеа заедно во рамки на хируршката болница во норвешкиот Провинциски тим за реконструкција во Мејмара, Авганистан во рамки на мисијата ИСАФ. Сега повторно ќе биде испратен хируршки тим, кој е еден од македонските капацитети ставени на располагање за операции на НАТО.