Антикорупциска со кривична против Данела Арсовска дека незаконски назначила директори на МКЦ и ЗОО Скопје

Според комисијата, Арсовска го прекршила законот со тоа што именувала лица кои не биле вработени во овие јавни установи што е спротивно на чл. 31 од Законот за култура кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци

Фото: Град Скопје

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, спротивно на законот ги именувала в.д. директорите на Младинскиот културен центар (МКЦ) и на Зоолошката градина, заклучи на денешната седницат Антикорупциската комисија.

Антикорупционерите донесоа одлука за поведување кривична постапка против градоначалничката Арсовска која неодамна ги именуваше овие в.д. директори. Според комисијата, Арсовска го прекршила законот со тоа што именувала лица кои не биле вработени во овие јавни установи што е спротивно на чл. 31 од Законот за култура кој предвидува именување на в.д. директори од редот на вработените во тие установи и со мандат од само 6 месеци.

И Управниот суд минатиот месец утврди дека е незаконско решението за назначување на дипломираниот детектив Никола Алексов за в.д. директор на МКЦ и побара од Град Скопје да го поништи решението.

Во Зоолошката градина по скандалот со колењето на коњи за кои пишуваше Мета.мк, беше сменет Кристијан Стаменов и на негово место за в.д. директор го назначи Драган Илиевски кој пак во јануари годинава стана в.д. директорското место во ЈП Водовод. Во моментов в.д. директор на скопската Зоолошка е Зоран Попов, кој е од редот на вработените.

Антикорупционерите расправајќи за праксата на назначување на в.д. директори во јавни институции, рекоа дека повеќе нема да го толерираат и соодветно ќе дејствуваат бидејќи премногу често се случува лица да вршат директорски функции од позиција на вршител на должност долг период, иако законски мандатот им е само шест месеци. За овие в.д. директорски места не се распишува ниту конкурс.