Андреа ќе настапи на Евровизија, но можеби тоа ќе биде крај за учествата на Северна Македонија

фото: evrovizija.mrt.com.mk

По настанот со Андреа Коевска, која за време на официјалната церемонија за отворање на „Евросонг 2022“ го фрли македонското знаме на тиркизниот тепих и предизвика бурни реакции во јавноста, Уредничкиот колегиум на МРТ ја соопшти својата одлука за санкциите кои планира да ги преземе.

Како што е наведено во соопштението, кое го објавија три дена по немилиот настан, одлучиле Андреа да настапи на манифестацијата. Од јавниот сервис МРТ додаваат дека откако делегацијата ќе се врати од Италија, членовите ќе поднесат извештаи за случувањата, па ќе се одлучува кои решенија и дисциплински мерки ќе бидат преземени.

Исто така, поради негативниот имиџ кој се создава околу учествата на нашите претставници, известуваат дека се разгледува можноста Северна Македонија од наредната година да не учествува на Евровизија.

„Македонската Радио Телевизија, по инцидентот којшто се случи за време на официјалната церемонија за отворање на „Евросонг 2022“, кога нашата претставничка Андреа Коевска го фрли македонското знаме на тиркизниот тепих и по првичното соопштение коешто беше објавено по реакциите на јавноста, детално ги разгледа сите аспекти за евентуалното повлекување на нашата претставничка од Евровизија“, гласи соопштението на јавниот сервис.

Од МРТ додаваат и повлекувањето на Андреа во период кога сите рокови за повлекување се поминати би предизвикало голема финансиска штета и други санкции коишто не се за занемарување. Со откажувањето би се загрозило и учеството и отстапувањето на телевизиските права на сите други настани коишто Јавниот сервис ги добива како членка на Европската радиодифузна мрежа.

Од МРТ велат дека по враќањето на нашата делегација од Торино ќе ги преземат сите законски решенија и дисциплински мерки.

„Поради негативниот имиџ во јавноста на проектот „Евровизија“ што предизвикува негативен публицитет на МРТ, Уредничкиот колегиум на МРТ ја разгледува можноста од следната година Македонската Радио Телевизија веќе да не учествува на Изборот за песна на Евровизија“, наведено е во соопштението до јавноста.

Андреа Коевска, по инцидентот два пати се извини на јавноста, велејќи дека направила непромислената и брза одлука, без лоша намера.

Андреа два пати се извини за инцидентот со знамето, МРТ ќе одлучува дали да ја повлече