Во изборниот период е важно да се известува на отворен и непристрасен начин

Кандидатите на политичките партии треба да бидат презентирани на јасен начин и да има отворена дебата. Дезинформациите, лажните вести и другите форми на манипулација да бидат решени на брз и законски начин, изјави евроамбасадорот Гир

Според нацрт-европскиот закон за слобода на медиумите, постапките за финансирање на давателите на јавните медиумски услуги треба да се засновани на однапред пропишани транспарентни и објективни критериуми, изјави денеска Јурген Бургоф, член на Комитетот за право и политики на Европската радиодифузна унија на промотивниот настан на тема „Важноста на функционирањето на јавниот радиодифузен сервис за демократијата во Европа“.

На настанот се обрати и евроамабасадорот Дејвид Гир, кој нагласи дека во изборниот период е важно да се известува на отворен и непристрасен начин, за јавноста да добива точни информации.

„Кандидатите на политичките партии треба да бидат презентирани на јасен начин и да има отворена дебата. Дезинформациите, лажните вести и другите форми на манипулација да бидат решени на брз и законски начин“, изјави евроамбасадорот.

Во своето обраќање, Гир додаде дека ЕУ-проектот одговара на препораките кои се дадени во Годишниот извештај на Европската комисија, во кој се препорачува да се преземат понатамошни мерки за јакнење на финансиската стабилност и независност на медиумскиот регулатор и на јавниот радиодифузен сервис и дека постоењето на слободни и независни медиуми е од суштинска важност за секоја демократија.

На настанот се обрати и амбасадорката на Германија во земјава, Петра Дрекслер која изјави дека јавното информирање игра голема улога за демократијата во едно општество, но и дека демократијата и новинарството се надополнуваат.

Таа рече дека важно е младите луѓе да се потикнат на јавни дебати за важноста и значењето на јавниот сервис.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, Зоран Трајчевски посочи дека за исполнувањето на своите надлежности и обврски, неопходно е и регулаторот и јавниот сервис да располагаат со соодветни финансиски и човечки ресурси и изрази надеж дека ќе бидат обезбедени сите предуслови за нивно стабилно финансирање.

Инаку, Промотивната конференција е дел на твининг проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Јавниот радиодифузен сервис“, спроведуван од германската Фондација за меѓународна соработка (ИРЗ), а финансиран од Европската Унија.