Гир: Не се точни тврдењата дека ЕУ не ја сака С. Македонија за нејзина членка

Фото: МНР

Не се точни тврдењата дека Европската Унија не ја сака Северна Македонија за членка на ЕУ, изјави денеска евроамбасадорот Дејвид Гир, на настанот со кој започна одбележувањето на деновите на НАТО во земјава, по повод четири години од членството на нашата земја во Алијансата.

„Вообичаено е да се слушнат гласови на сирени кои велат дека оваа земја не може да и’ пристапи на Европската Унија дали затоа што Унијата не ја сака внатре или затоа што не е способна да биде дел од Европската Унија. Ниту едно од овие тврдења не е точно. Ние сакаме Северна Македонија да биде дел од Европската Унија. Патот е практичен и многу лесно остварлив“, рече Гир.

Тој кажа дека патот на ЕУ е пат на просперитет, на зајакнување на демократските вредности и владеењето на правото и дека е пат на стабилност.

„Тоа е и пат на безбедност и навистина веруваме дека членството на Северна Македонија во Европската Унија ќе биде од корист за сите нас“, истакна Гир.

На денешниот настан говореше и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој го водеше традиционалниот НАТО настан. Со тоа започнаа деновите на НАТО во земјава, со кои освен годишнина од нашето членство, се одбележуваат и 75 години од формирањето на Алијансата.