Андреа два пати се извини за инцидентот со знамето, МРТ ќе одлучува дали да ја повлече

Фото: Принскрин од видео објавено на ESC Discord

Македонската претставничка на Евровизија, Андреа Коевска, која вчера го фрли државното знаме, два пати се извини на јавноста откако нејзината постапка предизвика бурни рекации на социјалните мрежи.

Откако по првото извинување, во кое порача дека немала намера никого да навреди, јавноста продолжи да бара таа да се повлече и да се откаже настапот кој треба да се случи на втората полуфинална вечер на 12 мај во Торино, таа на Фејсбук уште еднаш побара прошка за инцидентот.

„Сакам на сите уште еднаш со цела почит да ви се обратам.
Навистина ми е жал за сето ова што се случува. Се извинувам на сите за непромислената и брза одлука, намерата не ми беше лоша. Напротив, со голема љубов и гордост го носам знамето овие денови. Самото тоа што сум тука е чест за мене да ја претставувам Македонија и тоа навистина сакам да го направам со достоинство.

Многу сум благодарна што сум тука во Торино и што со гордост ја претставувам нашата земја. Се извинувам уште еднаш од сѐ срце, а македонското знаме ќе продолжам да го веам гордо како до сега, така и наредните денови“, напиша Андреа.

Македонската Радио Телевизија претходно го осуди скандалозното однесување на Андреа и соопшти дека ја разгледува можноста за нејзино повлекување, но од јавниот сервис додадоа дека ќе се води сметка одлуката да не предизвика поголема штета по МРТ.

„Македонската Радио Телевизија најостро го осудува потегот на нашата претставничка на „Песна за Евровизија 2022“, Андреа Коевска којашто за време на фотографирањето во Торино го фрли на земја државното знаме. Јавниот сервис на ниту еден начин не стои зад ваквото скандалозно однесување на нашата евровизиска претставничка, која со тој гест покажа непочитување кон националното обележје, што е казниво со закон“, наведе МРТ во соопштението, додавајќи дека против одговорните во македонската делегација ќе бидат преземени сите законски можности за најстрого санкционирање за овој скандал.