Андоновски: Некој мора да го исчисти ѓубрето, а јас сум ѓубреџија во книжевноста

Вечерва со почеток во 21 часот во „ShortBus“, во склоп на Skopje Pride Weekend, Атанасов ја промовира својата нова книга „Лето во кое те нема“ / Фото: Наташа Атанасова

Секој од нас се бори и справува на свој начин, ќе каже писателот Петар Андоновски во една прилика. Неговата извојувана борба во овој случај е книгата „Лето во кое те нема“ која веќе излезе од печат, а своја промоција ќе има вечерва со почеток во 21 часот во „ShortBus“, во склоп на Skopje Pride Weekend.

Македонскиот современ писател Андоновски зад себе има три романи: „Очи со боја на чевли“, „Телото во кое треба да се живее“ и „Страв од варвари“, како и поезијата „Ментален простор“. Добитник е на наградата Роман на годината на Утрински весник за романот „Телото во кое треба да се живее“, а годинава ја доби и Европската награда за литература за романот „Страв од варвари“, токму во период кога целиот свет се соочи со нов непознат пријател.

За стравовите Андоновски вели дека со нив е на Вие и никогаш не дозволил тие да управуваат со него. За пандемијата пак, коментира дека му разгорела некои стари страсти и опсесии.

„Секогаш книжевноста ми била на првото место. Не знам дали тоа е лудост, храброст или себичност“, вели Андоновски / Фото: Наташа Атанасова

„Веќе некое време мислам да напишам роман кој би бил втор дел од „Страв од варвари“, но тоа ќе биде сосем нов роман, единствено што ќе ги спојува е тоа што ќе бидат дел од Критски терцет: три романи за три острови околу Крит. Ова идеја настана дури откако го завршив најновиот роман „Лето во кое те нема“, кој можеби уште ќе го пишував да не беше пандемијата“, изјави за „Мета.мк“, писателот Андоновски.

Во своите дожувувања за оваа година, колку и да звучи бизарно, пандемијата ќе ја памети по убави работи.

„Напишав нов роман, добив Европска награда за литература, романот излезе пред некој ден. Немав време да се фокусирам на негативните емоции. Сепак 2020 е убава година“, додава тој.

Писателот, за процесот на пишување вели дека е многу интересен, а истиот го опишува како пловење со чамец по океан.

„Никогаш не знаете дали ветрот ќе ве однесе на посакуваниот остров или по патот ќе наидете на нов континент. Така е со сите мои романи, така беше и со „Лето во кое те нема“. Романот го пишував во карантин, во чудни времиња. Додека пишував наидов на многу островчиња и острови, на моменти мислев дека водата ќе ме проголта, и дека никогаш нема да стигнам до посакуваната дестинација. И тогаш среде океанот пред мене се отвори цел еден свет. Ја сакам неизвесноста во пишувањето“, истакнува Андоновски.

Романите на Андоновски меѓу кои и двата наградени „Телото во кое треба да се живее“ и „Страв од варвари“ / Фото: Мета.мк

Додека ги пишува своите книги во кои често пати знае да ги отвори темите за чувствата на неприпаѓање, отфрленост и различност, за трауми, фетиши, за стравови. Андоновски вели дека не размислува за реакциите на оние околу него.

„Додека пишувам не размислувам на тоа како ќе реагира моето семејство, пријателите, па дури ниту на читателите не мислам. Секогаш книжевноста ми била на првото место. Не знам дали тоа е лудост, храброст или себичност. Но, некој мора да го исчисти ѓубрето. Јас сум ѓубреџија во книжевноста“, потенцира Андоновски.

Тој го дели мислењето со својот колега, писателот Иван Шопов, кој е дециден дека „кај дел од помладата генерација на македонски писатели, вонредната состојба нема да донесе драстични промени во самата книжевност или, пак, во процесите и начините на пишување“.

„Би се сложил со Иван дека некои големи промени нема да се случат. Пандемијата е ново искуство за сите нас. Сигурно ќе се напишат многу книги на темава, како што се пишувало и за други пандемии. Но, пандемијава ниту ќе ја направи книжевноста подобра, ниту полоша“, заклучува Андоновски.

Како го живеете „новото нормално“?

Никогаш не сфатив што е „нормално“, а што „ненормално“, помеѓу нив двете секогаш се движев како по јаже.

Водечка мисла која што годинава си ја повторувам често: „Дури и тогаш кога мислиме дека светот ни се распаѓа, во нас се раѓаат милион други светови“.

Доколку заминете на „пустиот остров каде малкуте луѓе кои останале таму и живеат заборавени од сите“ со себе ќе понесете: Не би понел ништо со себе, би живеел како што живеат тие… заборавен од сите…

Книга што ја прочитав годинава и ме промени на некој начин е: „Лето во кое те нема“ :).

Омилен цитат од истата: „Доволно ми беше да му го слушнам гласот и немирот низ мене се ширеше како летен шумски пожар“.

Ова лето најмногу ми недостигаше: Крит, но ќе го паметам по: „Лето во кое те нема“.