Ако владата не реагира, канти од возила ќе почнат да пристигнуваат и од соседството?

И додека во Србија се води полемика што ќе се прави со крнтиите што треба да се заменат, македонските власти ќе треба сериозно да подразмислат дали нашата земја ќе стане крајна дестинација за увоз на автомобилскиот крш и од соседните земји

Фото: Архива на Мета.мк

Доколку владата не ги коригира даноците за старите возила кои се увезуваат во земјава, во многу скоро време ќе ни се случи наплив на крнтии од соседните земји. Бугарија на 12 јули 2021 година воведе еколошки налепници на возилата, Албанија и Босна и Херцеговина веќе го забранија увозот на возила со под ЕУРО 5 стандарди, а Србија ќе ја воведе истата рестриктивна мерка од 1 јануари 2024 година. Со ова, постои ризик постарите возила од овие држави да завршат во земјава.

Вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи денеска најави дека на наредната владина седница што ќе се одржи во вторник треба да помине предлог-одлуката за зголемување на даночната стапка на луксузните возила, како и за оние возила кои испуштаат поголеми емисии на јаглерод диоксид во воздухот.

„Нема зголемување на даноците на возилата ако ја видите последната одлука што во вторник треба да биде на Влада. Зборуваме за даночење на луксузните возила. Ќе има данок и за оние возила кои испуштаат поголем процент на јаглероден диоксид. Значи, не зборуваме за зголемување со кое ќе биде опфатена поголема категорија на граѓани“, изјави вицепремиерот Битиќи.

„Ако за општеството е проблем „Порше Кајен“, „БМВ Х5“ да добие поголем данок, ајде и тоа да го направиме по повластена даночна стапка“, иронично изјави денеска вицепремиерот Битиќи.

Инаку, ваквата мерка на македонската влада ќе следи во услови во кои Србија веќе најави дека од Нова Година ќе доделува субвенции за враќање на стари возила и до 2.900 евра, во пакет со мерката за забрана за увоз на возила кои имаат мотори со под ЕУРО 5 емисии на издувни гасови.

Сопствениците на стари возила со мотори ЕУРО 1, 2 и 3 од 1 јануари во Србија ќе може крнтиите да ѝ ги предадат на државата за рециклажа, а за возврат да добијат субвенции во износ од 2.100 до 2.900 евра за купување на друго возило. Српската влада очекува на овој начин да се намали загадувањето на воздухот, додека на возачите да им се олесни набавката на понови и технички исправни возила. Планот на српската влада е теоретски во првата фаза да елиминира од сообраќај 140.000 „крнтии“ од улиците. На сметка на ова, српските граѓани со субвенциите ќе можат да купат возила со ЕУРО 6 мотори кои се произведени по 2015 година.

Она што најмногу се критикува во проектот на српската влада е како ќе се спроведе рециклажата на старите возила во оваа земја, при што експерти од Србија укажуваат дека Србија нема доволен капацитет за вакво рециклирање. Според нивните проценки, во Србија има околу милион стари автомобили со ЕУРО 3 и ЕУРО 4 мотори, а при нивно рециклирање треба да се издвојуваат опасни материи како масло и течности од акумулаторите, цврстите делови, каблите, металите, пластиката и стаклото.

И додека во Србија се води полемика што ќе се прави со „крнтиите“ што треба да се заменат, македонските власти ќе треба сериозно да подразмислат дали нашата земја ќе стане крајна дестинација за увоз на автомобилскиот крш и од соседните земји. Според актуелното македонско законодавство, дозволен е увоз на возила кои имаат мотори кои ги задоволуваат ЕУРО 4 стандардите на емисии на гасови. Ова значи дека српските возила со ЕУРО 4 стандард ќе може слободно да се извезуваат во Македонија, исто како што постои ваква можност и за возилата од Албанија, БиХ и Бугарија.

Да потсетиме, забраната на увозот на половни возила со под ЕУРО 5 стандарди веќе спроведе Босна и Херцеговина од средината на 2019 година, додека Албанија ваква забрана воведе од 1 јануари 2019 година. Бугарија пак од 12 јули 2021 година воведе еколошки налепници на возилата, при што според количеството на испуштени издувни гасови возилата се категоризираат во пет категории при нивната регистрација или технички преглед. Налепниците се задолжителни за секое возило.

Мета.мк веќе пишуваше дека Европската Комисија подготвува нова, построга уредба за извозот на стари возила од земјите-членки надвор од ЕУ. Европската Комисија на почетокот на јули го изготвила предлогот половните возила да не можат веќе да се извезуваат и продаваат надвор од ЕУ. Комисијата предлага уредба со која ќе се заменат постојните директиви на ЕУ за отпадни возила и можноста за нивна повторна употреба и рециклирање. Ова значи дека половните возила би потпаднале под категоријата на возила со „изминат век на користење“.

Увозот на автомобили со голем раст, само четвртина од колите се нови [инфографик]

Инаку, македонската влада веќе трета година по ред ја одолговлекува рестриктивната политика за увоз на стари возила, која во јануари 2021 година ја најави министерот за економија Крешник Бектеши. Тој тогаш рече дека во земјава ќе се забрани увозот на возила чии мотори не ги задоволуваат ЕУРО 5 стандардите за емисии на издувни гасови. И покрај континуираното одложување, владата до денешен ден ваквата рестриктивна мерка ја нема воведено.

Аерозагадувањето нема да го снема со 50.000 нови автомобили, колку што Скопје добило деценијава [инфографик]