fbpx

Ахмети во Атина видел добра волја за компромисно решение за името

-

Спорот за името и односите меѓу Македонија и Грција биле двете главни теми на разговорите меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, на денешната средба во грчкото министерство за надворешни работи.

Ахмети, кој беше придружуван од двајцата вицепремиери Фатмир Бесими и Муса Џафери и од пратеникот Артан Груби, истакна дека воочил добра волја и подготвеност од грчка страна за решавање на спорот за името, став кој планира да го пренесе кај своите коалициски партнери во Македонија. Ахмети истакна дека се надева и двете страни да покажат дека имаат добра волја за наоѓање решение.

– Јас сум отворен и сите мислења и размислувања ги пренесувам и кај коалициските партнери. Видов подготвеност и добра волја кај министерот за надворешни работи на Грција за наоѓање компромисно решение. Оваа добра волја ќе ја пренесам во Скопје, со надеж дека двете страни ќе имаат иста добра волја за решение – истакна Ахмети по средбата во изјави за новинарите.

На прашање на телевизијата „Канал 5“ дали се разговарало за конкретни предлози за името, Ахмети посочи дека самото времетраење на средбата од час и половина укажува на тоа дека детално се разговарало за темите. Истакна дека се разговарало за идеи и се размениле мислења и ставови околу решавањето на спорот за името.

Средбата на Ахмети со Коѕиас, која беше на барање на лидерот на ДУИ и е една од првите средби на Коѕиас во 2016 година, создаде контроверзии во Скопје токму поради самоиницијативноста на ДУИ и одлуката средбата да не оди според официјалните канали, односно без да се известат македонското МНР и македонската канцеларија за врски во Атина.

Грчки аналитичари коментираат дека фактот што средбата е иницирана од Ахмети, а не од грчката влада, покажува дека Грција нема некаква конкретна порака да испрати преку оваа средба и дека главните детали и идеи за решавањето на спорот веќе биле дискутирани при средбата со министерот Никола Попоски во Атина на 18 декември.

Од ДУИ преку соопштение информираа дека Али Ахмети и грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, на средбата во Атина разговарале за случувањата во регионот, соседските односи, евроатлантската интеграција на Македонија, како и за спорот за името.

„Ахмети зборуваше за важноста на процесот на интеграција на Македонија во НАТО и во Европската унија за безбедноста, стабилноста и за мирот, не само во земјата, туку и во целиот регион, затоа очекува од Грција, како важна земја на Балканот, да придонесе во овој поглед. Демократската унија за интеграција е подготвена да го даде својот придонес за надминување на пречката што стои пред вратата на НАТО и на ЕУ за Македонија. Спорот меѓу Скопје и Атина треба да се надмине преку директни средби и со искрен и конструктивен дијалог меѓу партиите, водејќи сметка за иднината на регионот“, се вели во соопштиението од ДУИ.

Од партијата велат дека регионалните и глобалните политички околности ја наметнуваат потребата од храбра и визионерска акција од страна на политичките елити во Западен Балкан и дека сите треба да се ангажираат со оглед на историските времиња во кои живееме и дејствуваме.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од понеделник, 29 април па до 6 мај, ќе бидат на пролетен распуст. Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе...