Општински службеник барал од кафулиња во Битола по 200 евра спонзорство за фестивалот „Браќа Манаки“, обвини советникот Методија Илиевски од СДСМ. Тој покажа и фактура за уплатени 12.300 денари на сметка на 36. издание на фестивалот што се одржа во септември 2015 година.
Илиевски, на последната седница на Советот, го праша и лично градоначалникот Талески, зошто собираат пари од угостители кога културните настани во градот се плаќаат со народни пари, собрани во буџетот на Општината.
Според Илиевски, ветувањата на службеникот биле дека оние кафулиња што ќе платат пари, ќе бидат дел од програмата на фестивалот „Браќа Манаки“, но не давал конкретни предлози кога и како ќе се вклучат во програмата.
– Еден од вашите службеници барал пари од кафулињата на Широк сокак за фестивалот. Пред мене е факурата и во неа описот е следен: спонзорство на 36. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Зарем ова, градоначалниче, не е, со големи зборови кажано, легален рекет? Зарем не се принудени угостителите од општина Битола да го плаќаат тоа што не мора да го плаќаат? – рече Илиевски.
Илиевски ги советувал сопствениците на кафулињата да излезат на прес-конференција и да кажат што им се бара, но тие возвратиле дека се плашат да не им испратат инспекции.
– Луѓето оваа фактура ја платиле од страв, но за возврат не добиле ништо. И покрај 400.000 евра што ние ги трошиме како народни пари, тие (кафулињата) сега плаќаат дополнитени средства – рече Илиевски.
Според она што го кажа советникот Илиевски, Тодор Ивановски, привремено вработен во Агенцијата за привремени вработувања „Зета“, а отстапен на Општина Битола, е службеникот што барал пари од сопствениците.
На ова реагираше претседателката на Советот, Силвана Ангелевска, со сугестија дека советникот требало да го пријави случајот во полиција.
Градоначалникот Талески не даде конкретен одговор за случајот.
Неодамна во одговор за „Мета“, од прес-службата на ИФФК „Браќа Манаки“ одговорија дека Општина Битола го поддржа фестивалот со 3.250.000 денари.
Ивановски вели дека изјвата на Методија Илиевски е неточна и тенденциозна.
– Како координатор на дополнителната програмата на „Браќа Манаки“, доставив лимитирана понуда до 12 кафулиња и до два угостителски објекти во центарот на градот, да бидат дел од програмата. Процесот на анимирање на угостителите траеше четири месеци. Во тој период беше презентиран концептот за учество на локалите со сопствена програма во деновите на фестивалот, како и со поставување нивно лого на веб-страницата на фестивалот и банер на влезот од Центарот за култура – вели Ивановски, потврдувајќи дека котизацијата за учество била 12.300 денари и била на сметка на фестивалот.
А.Б.