Европратениците ќе имаат одвоени средби со политичките лидери, Јанева и со ДИК

Европратениците Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгел в понеделник ќе имаат одвоени средби со потписниците на Договорот од Пржино, но сè уште не се знае дали ќе се одржи и заедничка средба со нив, дознава „Мета“.

Европратеничката тројка, која заедно со еврокомесарот Јоханес Хан посредуваше во постигнувањето на договорот, со политичките лидери ќе разговараат за целосното спроведување на договорот, а се предвидуваат средби со специјалната обвинителка Катица Јанева, како и со претставниците на ДИК.

Според агендата, Ховит, Кукан и Вајгл за време на посетата на Скопје ќе се сретнат и со американскиот амбасадор Џес Бејли и со евроамбасадорот Аиво Орав, а во 13 часот ќе одржат и прес-конефернција во ЕУ-инфоцентар.

Посетата на европратениците доаѓа неколку недели откако еврокомесарот Хан им испрати писмо на македонските политички лидери, во кое ја изрази својата загриженост поради пробивањето на роковите од Договорот од Пржино.

Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, денеска потврди дека Хан ќе ја посети Македонија кон средината на јануари за да разговара за имплементирањето на Договорот од Пржино.

– Намерата е да се разговара за спроведувањето на политичкиот договор од јуни-јули, што е од исклучително значење за земјата – рече Коцијанчич, истакнуваќи дека политичкиот договор меѓу партиите мора да се исполни.

Политичкиот дијалог за спроведување на Договорот од Пржино веќе два и пол месеци е заглавен кај медиумите и кај прочистувањето на изборачкиот список. Европратениците и Хан ќе се обидат да ги откочат преговорите за да можат да се одржат изборите закажани за 24 април годинава.