Фото: Jan Vašek на Pixabay

Од започнувањето на ковид-19 пандeмијата, е-трговијата во Република Северна Македонија бележи значителен раст во бројот и во вредноста на реализирани онлајн трансакции, и тоа најмногу во трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци, соопшти Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ).

Според последните податоци за платежна статистика од Народната Банка на РСМ, растот на реализираните онлајн трансакции кон домашни интернет продажни места изнесува 135 отсто во 2020, во споредба со 2019. Лани се реализирани 178 милиони евра кон домашните е-трговци (од кои 11 милиони евра се направени со странски картички), додека истите во 2019 изнесувале 75 милиони евра.

Вкупната вредност на трансакциите во 2020 година покажува дека Македонците потрошиле 229,5 милиони евра кон домашни и кон странски онлајн трговци.

Се менува и структурата на трансакциите. Ако во 2019 година од вкупно потрошената вредност, само 41 отсто отпаѓаше на домашните е-трговци, во 2020 година 73 отсто од вредноста на онлајн трансакциите е реализирана кон домашни е-трговци.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, во 2020 година, 40,1 отсто од поединците со интернет пристап направиле нарачки/купиле онлајн во последните 12 месеци, напроти 36 отсто во 2019 година.

Бројот на новоотворени домашни онлајн продавници бележи раст од 43 отсто во 2020 година кога се отвориле 439 нови виртуелни (интернет) продажни места, со што вкупниот број на е-продажни места на крајот на 2020 изнесува 1.459.

„Иако податоците за растот кон домашните е-трговци се охрабрувачки, треба да се напоменат и слабостите во однос на известувањето за е-трговијата и недостигот на достапни податоци. Вкупно реализираните онлајн трансакции не се однесуваат само на малопродажба, односно во нив се вклучени и плаќањето на сметки и останати трошоци. Кај нас сѐ уште отсуствува стандардизиран начин за мерење и известување кој е присутен во речиси сите земји”, велат од АЕТМ.