fbpx

Истражување: застарени ГУП-ови, често менување ДУП-ови и голем број дивоградби

Бројот на нелегално изградени објекти говори и за неефикасноста на инспекцискиот надзор – наместо да бидат урнати, овие објекти чекаат на легализација и тоа во бројка неколкукратно поголема од легално доставените барања за градба, се вели во истражувањето

-

Доминантен дел од општините во Македонија немаат генерални урбанистички планови (ГУП)- чија формална важност е истечена. Од друга страна, во општините, за пет години се донесени многу детални урбанистички планови (ДУП) за кои се направени и многу измени, открива истражувањето што денеска го објави Центарот за граѓански комуникации.

Наспроти законски предвидениот плански период од 10 години, во дел од општините ГУП-от не е сменет и по повеќе од 20 години. Навременото ажурирање и изготвување нови ГУП-ови создава ризик од непланско управување со градежното земјиште и од загрозување на јавниот интерес и квалитетот на животот, покажува истражувањето.

Понатаму, се открива дека дури три четвртини од измените на ДУП-овите се направени по барање на физички или правни лица, што значи дека е воспоставена пракса планската документација да се менува и адаптира според потребите на надворешни субјекти, наспроти иницијативите за измени на ДУП-овите од страна на општината, со кои би се предвиделе повеќе проекти за унапредување на јавниот простор.

Секое трето барање за градба во периодот од 2018 до 2022 година е одбиено или повлечено, што според истражувачите, говори дека постапките за издавање одобрение за градење во општините, во определени случаи може да бидат неправедно одолговлечени или пак да не е обезбеден изедначен третман на барателите.

„Барањата за легализација на нелегално изградените објекти доставени во 2018 година се над двојно повеќе од барањата за одобренија за градба доставени во период од цели пет години, од 2018 до 2022 година. Ова недвосмислено говори за последиците од донесувањето Закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, со што се загрозуваат принципите на владеење на правото и планскиот развој на просторното планирање во земјата“, се вели во истражувањето „Застарени ГУП-ови, често менување ДУП-ови и голем број дивоградби“.

Бројот на нелегално изградени објекти говори и за неефикасноста на инспекцискиот надзор – наместо да бидат урнати, овие објекти чекаат на легализација и тоа во бројка неколкукратно поголема од легално доставените барања за градба.

Во речиси секоја општина превладувала праксата на вршење вонреден инспекциски надзор наспроти редовните и контролните. Прекумерното користење на вонредниот надзор, се вели во анализата, создава ризик од субјективизам при изборот на субјекти што се предмет на инспекцискиот надзор, како и фаворизирање определени правни лица, односно нивно изоставање од инспекциски надзор.

Предмет на истражувањето на Центарот за граѓански комуникации биле осум македонски општини – Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Тетово, Струмица, Чаир и Штип.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гласањето е мирно и без проблеми, МВР не регистрира посериозни нарушувања на редот и мирот

Министерството за внатрешни работи не регистрирало посериозни нарушувања на јавниот ред и мир во текот на гласањето за парламентарните и претседателските избори денеска. Како што информира портпаролот на МВР...