fbpx

Приднестровје побара „заштита“ од Русија, оживувајќи ги стравовите за отцепениот регион на Молдавија

Откако Москва го започна својот целосен напад врз Украина, властите во Кишињев беа загрижени дека Кремљ би можел да го искористи Приднестровје за да отвори нов фронт на југозапад, во правец на Одеса

-

САД соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата во отцепениот молдавски регион, самопрогласената република Приднестровје (Транснистрија), откако проруските претставници на територијата апелираа до Москва за „заштита“, јави Гардијан.

Во ноември 1990 година во Молдавија, земја од поранешниот СССР, изби војна помеѓу молдавската власт и сепаратистичките сили на Транснистрија, кои беа поддржани од официјална Москва. Примирје беше постигнато на 21 јули 1992 година, кое доведе до тоа да се формира своевидно окупирана територија на Молдавија преку создавањето на меѓународно непризнатата република Приднестровје (Транснистрија).

До денешен ден, Приднестровје, која на исток граничи со Украина погодена од војна, претставува самопрогласена република, во која се наоѓа руска војска и воена опрема. Молдавските власти во Кишињев де-факто немаат контрола над една десетина од територијата која им е меѓународно признаена.

Откако Москва го започна својот целосен напад врз Украина, властите во Кишињев беа загрижени дека Кремљ би можел да го искористи Приднестровје за да отвори нов фронт на југозапад, во правец на Одеса.

Самопрогласената република одржа „конгрес на пратеници“ откако Молдавија рече дека ќе бара од приднестровските компании да плаќаат увозни давачки во централниот буџет од јануари. На состанокот, конгресот усвои резолуција во која се вели дека ќе поднесе жалба до двата дома на рускиот парламент со барање „да се спроведат мерки за заштита наспроти зголемениот притисок од Молдавија“.

Руските власти одговорија дека еден од нивните приоритети е да ја заштитат земјата, која е де факто контролирана од проруските сили, но е меѓународно призната како дел од Молдавија.

Резолуцијата дојде еден ден пред рускиот претседател Владимир Путин да го одржи своето годишно обраќање до руските пратеници и додека Украина трпи неуспеси на бојното поле. Постојат сомнежи дека Путин би можел да го изнесе барањето за Приднестровје во својот говор и да изрази поддршка за регионот.

Проевропската влада на Молдавија го отфрли апелот како пропаганден настан кој има за цел да добие наслови во медиумите.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер вчера изјави дека САД многу внимателно ги следат руските акции во Приднестровје.

По целосната инвазија на Русија на Украина во 2022 година, тензиите се зголемија околу сепаратистичкиот регион, кој вели дека има 220.000 руски граѓани. Односите меѓу Молдавија и Русија, исто така, се расипаа бидејќи владата во Кишињев водеше проевропски курс. ​

Про-европската претседателка на Молдавија, Маја Санду, во Албанија на Самитот на земјите од Југоисточна Европа, рече дека нејзината земја останува посветена на мирно решавање на конфликтот во Приднестровје.

„Она што владата го прави денес се мали чекори за економска реинтеграција на земјата“, рече таа.

Повикот за помош од Москва ги поттикна споредбите со февруари 2022 година, кога милитантите поддржани од Русија во источна Украина повикаа на заштита од, како што рекоа, немилосрдните напади и гранатирање од страна на силите на Киев.

(РЕПОРТАЖА): И воздухот во Молдавија како да трепери од неизвесноста на руската агресија врз Украина

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промовирани новите полициски службеници, генерација 2023-2024

Денеска се одржа пригодна церемонија по повод свечената Промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година, во Центарот за обука на МВР во Идризово, на која покрај раководството...