Излезе втората епизода на поткастот „Чекајќи го ГУП-от“ на „Културно ехо“

Разговорот во епизодата се фокусира на законите за урбанизам и градба, и како истите се направени во корист на урбаната мафија. Говорат Дафина Шекутковска, претседател на организацијата „Kултурно ехо” и архитектот и поранешен урбанистички инспектор – Костел Шекутковски

Излезе втората епизода на поткастот „Чекајќи го ГУП-от“ направен од организацијата „Културно ехо“. Поткастот покрива теми поврзани со урбанизмот, архитектурата и, како што велат тие, „просторното (не) планирање на Скопје“.

Поткастот може да се следи на овој линк.

Водителка на емисијата е Дафина Шекутковска, претседател на организацијата „Културно ехо“, а нејзиниот соговорник е архитектот и поранешен урбанистички инспектор Костел Шекутковски.

Фокусот на разговорот во најновата епизода, насловена „Што треба да измениме?“, е на законите за урбанизам и градба, и како истите се направени во корист на урбаната мафија. Се зборува за тоа како во нашиот закон не мора да бидат решени имотно-правните односи пред добивањето на употреба за работа, постоењето фантомски објекти поради неусогласување на ДУП-от и ГУП-от, како и тоа што во државата постои само еден урбанистички инспектор и мал број на градежни инспектори.

Поткастот е од серијата поткасти на КСП Центар-Јадро во рамки на проектот „Arts Hub“, а е изработен од „Културно ехо“, организација која долги години работи на откривање и на решавање на заедничките прашања за одржлив урбан, социјален, општествен и културолошки развој. Нивниот најобемен проект е „Напуштени можности“, кој цели да ги пренамени многуте напуштени простори во државата.

Првата епизода на поткастот, насловена „Што, всушност, чекаме?“, се фокусира на граѓанскиот активизам против незаконските урбанистички политики и можете да го чуете овде.