fbpx

Нови 40 општини ќе бидат дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“

-

Во втората фаза на проектот „Зајакнување на општинските совети“ во наредните пет години ќе се реализираат низа активности за поттикнување на развојот на 40 општини и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во локалните заедници, соопшти денес Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

Според планираното, за остварување на овие цели ќе се работи на унапредување на капацитетите на општинските советници, директно вклучување на граѓаните во носењето одлуки, подобрување на законодавството, дигитализација на услугите, зголемена транспарентност и борба против корупцијата. Едно од клучните начела на проектот е при реализацијата на сите проектни активности во целост да се почитуваат принципите на еднаква родова застапености и еднакви можности за сите граѓани.

„Зајакнување на општинските совети“ е партнерски проект на Владата на Швајцарија и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), а во имплементацијата на втората фаза директно ќе учествува и Министерството за локална самоуправа. Проектните активности ќе се спроведат во вкупно 40 општини, кои ќе бидат избрани на транспарентен начин и согласно дефинирани критериуми.

Јавниот повик за избор на првите 10 општини кои ќе се вклучат во проектот е веќе објавен и заинтересираните локални самоуправи може да аплицираат најдоцна до 21 јули.

Во партнерските локални самоуправи, како што кажаа од УНДП, ќе се спроведат специјализирани обуки за советниците и ќе се имплементираат дигитални алатки за поголема транспарентност во работењето. Дополнително, во овие општини ќе се организираат и Форуми во заедницата, преку кои граѓаните директно ќе изберат приоритетни локални проекти за чија реализација се предвидени неповратни грантови. Сепак, придобивки ќе има целокупниот систем на локална самоуправа, со оглед на тоа што онлајн обуките за советниците и веб платформата за објавување финансиски податоци се достапни за сите општини во државата. Конечната цел и мисија на проектот е изградба на транспарентни, отчетни и автономни локални самоуправи кои на прво место ги имаат потребите и интересите на граѓаните.

Втората фаза на „Зајакнување на општинските совети“ ќе се реализира во периодот 2022 – 2027 година со вкупен буџет од 6,7 милиони американски долари. Најдобар доказ за успешната прва фаза на проектот е третата награда на европско ниво, за влијание во подобрувањето на животот на луѓето и квалитетот на демократијата, освоена на Глобалниот самит на Партнерство за отворена власт во Сеул, Република Кореја.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...