Александар Стојкоски, актуелниот градоначалник на општината Ѓорче Петров, во својата предизборна програма за работа, вети дека ќе организира натпревар за млади програмери кои треба да се натпреваруваат во изработка на апликации. Сепак, досега овој проект не е реализиран и до овој момент не се прават подготовки за организација на истиот, па оттаму ова ветување го оценуваме како неисполнето.
Имено, во програмата насловена како „За Ѓорче Петров гарантираме – создади нова иднина“, на 25. страница, пишува дека проектот е насловен „Моја иновација“, а истиот предвидува, како што е наведено, „специфичен настан во траење од 2-3 дена, на кој млади програмери ќе се натпреваруваат во пишување нови и иновативни апликации“.
На настанот учество би зеле и ИТ компании кои би сакале да учествуваат и да ги спонзорираат учесниците. Најдобрите 25 програмери, кои ќе изработат иновативна апликација, би добиле награди за продажба и промоција на апликацијата. Апликациите можат да бидат тематски или функционално насочени, се вели во описот на проектот „Моја иновација“.
За оваа намена градоначалникот навел дека ќе бидат потрошени 300.000 денари од општинскиот буџет.
За одговори поврзани со оваа тема, Мета.мк се обрати во општината Ѓорче Петров. Прашавме, дали ова ветување е исполнето, а доколку не е – тогаш кои се причините. Прашавме и доколку е е исполнето, колку програмери биле наградени и со што. Предмет на наш интерес дополнително беше колку и какви апликации изработиле младите.
Но, од општината Ѓорче Петров одговорија дека проектот не е реализиран.
Проектот досега не е реализиран, бидејќи изминатите две години не беа предвидени средства во буџетот за реализација на овој проект. Во новиот буџет на општина Ѓорче Петров ќе се предвидат средства во делот на невладиниот сектор, со кои ќе се спроведе проектот и ќе се исполни ветувањето на градоначалникот Стојкоски. Ова е еден преубав проект, кој веруваме дека ќе продуцира нови млади програмери, кои ќе бидат двигатели на модерното општество и бројни ИТ компании, наведено е во одговорите од општината.
Врз основа на одговорите до кои дојде Мета.мк, може да се заклучи дека исполнувањето на ветувањето за организирање натпревар за млади програмери не е исполнето.
ИЗВОРИ:
Програма за работа на градоначалникот Александар Стојкоски (проверено на 30.01.2024 година)
Официјални одговори од Кабинет на градоначалник на општина Ѓорче Петров, добиени на 30.01.2024 година