Некорисно упатството за најава и користење на системот за учење, реагираат наставниците

Принтскрин од испечатениот па скениран документ од БРО со упатство кое е задолжително за сите наставници

„Упатство и најава за користење на системот за управување со учење“, е името на документот прикачен на официјалната веб-страница на Бирото за развој на образованието (БРО), кое треба да им користи на наставниците за нивен професионален и кариерен развој. Заради епидемијата со ковид-19, одговорните во БРО креирале онлајн курс на тема „Реализација на наставата со користење на различни ИКТ средства за учење“. Во самиот документ, односно во писмото испратено до директорите наведено е дека овој курс задолжително мораат да го поминат сите наставници во државата (околу 20.000), за што на крајот ќе добијат сертификат.

Сепак, наставниците со кои поразговаравме наидуваат на потешкотии при употребата на документот.

– Сакав да го следам упатството и да се регистрирам во системот за да го следам курсот. Но, документот е во ПДФ-формат, а во него има линкови кои треба да се отворат, а заради таа форма, не можам да ги отворам. Морам да го препишувам целото УРЛ буква по буква и знак по знак, за да конечно го отворам линкот. Дополнително, фотографиите што се во упатството, а се ставени за да нè насочат, се матни, не се чита ништо од нив бидејќи се скенирани. Сето ова создава нервоза и вака само непотребно губиме време додека се снајдеме – вели наставничка во одделенска настава во едно скопско основно училиште.

За ова поразговаравме и со предметна наставничка по информатика која ни кажа дека насоките и фотографиите вакви какви што се, не се корисни.

– Ова е некоја грешка направена во форматот кога го испраќале до директорите. Најверојатно прво е скениран, па испратен. Стои дека е ПДФ документ, но не е. Може со програмот Адобе да се отвори, но покажува дека е документот скениран. Како вакво, ова не е корисно бидејќи не може да се отворат линковите директно. Во други ПДФ документи или текстуални документи, може да се ископира текст и да се префрли. Исто така, можеле и фотографиите ги стават во боја и да се читливи и навистина корисни, а не да се вакви какви што се. Најдобро би било, кога надлежните во БРО, односно наједноставно би било кога би се испратиле само линковите за најава до курсот. Текстот во Ворд, бидејќи Ворд секој има, а линковите да се испратат како линкови – вели наставничката.

„Мета“ побара и објаснување од одговорните во БРО, со оглед на фактот дека ова е нешто што не е доброволно, туку е задолжителен курс кој ќе мора да го поминат 20.000 наставници во државата. По нашата реакција, тие ветија дека ќе го решат проблемот.

– Го погледнавме упатството, се консултиравме со колегите. Ќе се обидеме да ставиме друга верзија која ќе им биде од корист на наставниците – вели Оливер Стaнојоски, советник во Бирото за развој на образованието.