Три пати повеќе ковид случаи во август во споредба со јули, вакцини сè уште нема

Иако епидемиолозите ja препорачуваат вакцинацијатa како специфична превентивна мерка, и иако министерот за здравство Арбен Таравари на 26 август најави набавка на 11.000 вакцини против ковид, сè уште нема достапни вакцини за граѓаните

Луѓе чекаат на ред за имунизација против ковид-19 во салата Борис Трајковски во Скопје, април 2021 г. Фото: Мета.мк

Во текот на 2024 година, а заклучно со 8 септември, регистрирани се вкупно 1.503 заболени лица од ковид-19. Во август е регистрирано зголемување за 3,3 пати во однос на претходниот месец. Во првата недела од септември, пак, регистрирани се 111 заболени лица, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Иако здравствените власти препорачуваат исклучиво вакцинација како специфична превентивна мерка, и иако министерот за здравство Арбен Таравари на 26 август најави набавка на 11.000 вакцини, достапни вакцини за граѓаните во јавните здравствени установи сè уште нема.

Од Министерството за здравство немаат одговор на прашањето од кој производител ќе бидат набавени вакцините и кога ќе бидат на располагање.

Институтот за јавно здравје информира дека во текот на 2024 година, а заклучно со 8 септември, регистрирани се вкупно 1.503 заболени и 16 починати лица асоцирани со ковид-19. Од појавата на првиот случај на ковид-19 во РСМ (26.02.2020 година), а заклучно со 8 септември годинава, пријавени се вкупно 351.819 заболени со ковид и 9.995 починати лица како последици на вирусот.

Најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје, Битола и Куманово, а највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци. Највисок морталитет се регистрира во Охрид, Кавадарци и Прилеп. Највисок леталитет се регистрира во Струга и Крива Паланка.

„Се препорачува следење на основните мерки за превенција на ковид-19 и останати респираторни заразни заболувања. Вакцинацијата останува специфична превентивна мерка обезбедувајќи заштита од тешки форми на болест, иако овој заштитен ефект со тек на време се намалува. Продолжува препораката за вакцинацијата на лицата со висок ризик од тешки форми на болест и лош исход (како што се повозрасните лица)“, наведено е во извештајот на ИЈЗ.

Мета на оваа тема пишуваше пред околу две недели, кога проф. д-р Никола Пановски, кажа дека е апсурдно да се препорачува населението да се вакцинира, а да нема вакцини во здравствените установи.

„Вакцина треба да примат лицата над 60 години. Но, како може да се препорачува вакцинација, а надлежните да немаат набавено вакцини? Мора да се донесе став, под кои услови и кој треба да прими нова доза, потоа, за кого таа треба да е бесплатна и слично“, вели Пановски.