Од почетокот на летово во земјава изгореле површини на повеќе од 85.000 хектари, покажуваат податоците кои ги објави Европскиот информативен систем за шумски пожари (EFFIS), компонента на службата за управување со вонредни ситуации Коперник.
Голем дел од овие површини беа и шуми, како што беа случаите на планините Серта, Галичица, Мукос и други. Точната бројка колку шуми изгореа годинава ќе треба да се знае до крајот на годината, а според последните непотврдени бројки станува збор за близу 8.000 хектари. Според базата на податоци Макстат на Државниот завод за статистика, минатата година пожарите уништиле шуми на 2.993 хектари, а во 2022 година на 4.333 хектари. Посериозни штети се регистрирани во 2021 година кога од шумски пожари настрадале 11.420 хектари и во 2019 година, 10.661 хектари, а најголемите штети до летово се регистрирани во 2012 година кога изгореле 19.312 хектари шуми. Вкупно, од 2010 година па досега, изгореле 85.000 хектари шуми.
Годинава голем број шумски пожари повеќепати излегоа од контрола низ целата земја, а како одговор на итните барања за помош беше активиран механизмот на ЕУ за цивилна заштита. Како резултат на тоа, беа распоредени десет воздушни противпожарни тимови од шест различни земји-членки на унијата за да помогнат во контролирањето на пожарите.
Површините погодени од пожари годинава, над 85.000 хектари, во најголем дел се земјоделски површини и пасишта со трева и ниска вегетација, каде што најчесто и започнуваат, а одреден дел и шума, каде што се пренесуваат заради потешкиот пристап и слабите можности за гаснење.
Бојан Михајловски, експерт и еден од креаторите на десетгодишната Стратегија за управување со пожари, вели дека и годинава состојбата со пожарите ни укажа колку се слаби националните капацитети за справување со нив.
„Последните бројки велат дека годинава изгореле околу 8.000 хектари шума. Искуството покажува дека интервенцијата во овие делови е многу отежната особено од терен, заради слабиот пристап и недостатокот од шумски патишта, а особено ни е проблем авионската поддршка. Немаме ниту доволно авиони, ниту активни пилоти, ниту пак центар за обука и интерес од млади пилоти за оваа професија“, вели Михајловски.
Потенцира дека превенцијата и подготвеноста се основите на системот за управување со пожарите, а државата мора да има подготвени десет или дваесетгодишни планови кои ќе се базираат на Стратегијата за управување со пожари која треба да биде готова до крајот на годината. Според проценките на Национални шуми, само до јули штетите за шумскиот фонд од пожарите изнесуваат околу 1,5 милијарди денари и се однесуваат само за опожарената дрвна маса, што значи дека вкупната штета од пожарите ќе биде многу посериозна.
„Јасно е дека пожари секогаш ќе постојат, во прилог на тоа одат и климатските услови во земјата, но иако тој фактор не можеме да го смениме, мораме да се адаптираме. Особено доколку знаеме дека за обнова на овие шумски површини кои ги изгубивме ќе ни требаат три до четири децении“, вели Михајловски и додава дека во иднина мора да се зајакнат капацитетите и соработката меѓу институциите, но да се работи и на креирање на граѓанската свест за последиците од пожарите, особено кај младите.
Се молиме за дожд – во лето да ги изгасне пожарите, во зима да го намали загадувањето
Серта во пламен: Куќата ја изградив за починатиот син, ако изгори ќе изгубам сè