fbpx

Од домашни „бомби“ до руска салата: Четиригодишна аудио голгота

-

Снимениот телефонски разговор на премиерот Зоран Заев со руските комичари Вован (Владимир Кузнецов) и Лексус (Алексеј Столјаров), кои го измамија македонскиот премиер, претставувајќи се како поранешниот украински претседател Петро Порошенко и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, од вчера (09.07.2017) е топ тема во македонската јавност, но и во поширокото опкружување. Видеото кое го објавија двајцата пранк(ст)ери, содржи три аудио снимки од разговори со Заев, направени во август 2018, јануари и април 2019 година и предизвика бура од реакции. Опозицијата случајот го оквалификува како „срамен гаф и сериозен дипломатски скандал“ и побара од Заев да си поднесе оставка. Премиерот пак, кој призна дека наивно наседнал и им поверувал на руските „мајтапчии“, стана предмет на потсмев на социјалните мрежи.

Кога пред повеќе од четири години (09.02.2015) Заев, во тоа време лидер на опозицијата, на прес-конференција објави аудио-снимки, обелоденувајќи ја мега-аферата со прислушувањето која го означи почетокот на крајот на владеењето на тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, веројатно не помислуваше дека и неговата Влада, па и самиот тој, ќе се најдат во центарот на телефонски скандал. Па, иако двете афери се од различен формат, сепак, целата ситуација со објавувањето на телефонските снимки, некако асоцира на онаа народната „со свој камен, по своја глава“.

Афера „Прислушување“
На 09 .02.2015 година Заев на специјално свикана прес-конференција во седиштето на СДСМ презентираше аудио-снимки од разговори, за коишто кажа дека биле нелегално правени од службите во МВР по налог на тогашниот премиер и неговиот прв братучед – поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков. Беше соопштено дека била прислушувана комплетната политичка, судска, медиумска и бизнис елита во Македонија, како и странските дипломати. Не биле прислушувани директно единствено телефоните на Груевски и на Мијалков.
Во периодот што следеше се редеа „бомби, по еднаш – два пати неделно и секоја наредна пострашна од претходната. До средината на јуни беа објавени вкуно 38 „бомби“ кои говорат за директната спрега меѓу власта и судството, монтирани процеси, корупција и криминал до највисoките структури на тогашната власта. Македонија влезе длабока политичка криза. За чие разрешување на 02 јуни 2015 година беше потпишан Пржинскиот договор, од којшто произлезе Специјалното јавно обвинителство (СЈО). СЈО беше формирано со Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. На 15 септември 2015 година Советот на јавните обвинители на ја избра Катица Јанева на функцијата специјален јавен обвинител.

Аудио „бомбата“ на Заев со лажните Порошенко и Столтенберг, фактички, покри еден друг скандал со снимени телефонски разговори – случајот со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Овој скандал десетина дена ја бранува јавноста, откако осамнаа аудио-снимки на кои се слуша како Рашковски, наводно, договара реализација за набавка на радарски систем за М – НАВ кој го добила италијанската фирма „Леонардо“. За случајот се заинтересира Антикорупциската комисија која го испитува и бара одговори во кое својство генералниот секретар  бил вклучен во тендерската постапка.

Само, ова не се единствените снимки од телефонски разговори кои се објавени во јавноста, откако во февруари 2015 година пукна аферата со прислушувањето. Заев тогаш на прес-конференција обелодени дека во периодот 2008 -2015  година незаконски биле прислушувани преку 20.000 граѓани, објавувајќи како доказ аудио-снимки. По формирањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), тогашната опозиција (СДСМ) му ги предаде фајловите со прислушуваните разговори, а нивното натамошно објавување се забрани со Законот за заштита на приватноста.

Затворски казни за објавување аудио-снимки со кои се повредува приватноста
Законот за заштита на приватноста ( 2015 – 2016) забранува поседување, обработка, јавно објавување и располагање на кој било начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки. Исто така, Законот предвидува и затворски казни за „тој што ќе објави прислушувани или тонски снимани разговори или делови од нив или нивни транскрипти, со кои се врши повреда на приватноста на личниот и семејниот живот“, како и за „тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана“.

Сепак, наспроти законските ограничувања, во изминатиов период постојано се пуштаа нови и нови прислушувани разговори – „бомби“, под најразлични кодни имиња („Ел Чека“, „Никола Тесла“, „Илија Громовник“…)

Во текот на 2016 година преку социјалните мрежи беа објавени снимки од телефонски разговори на функционери од ДУИ, за кои анонимниот објавувач наведе дека се на Али Ахмети, Муса Џафери и Ермира Мехмети. Мехмети пак, тврдеше дека разговорите не се автентични и дека на снимките не е нејзиниот глас.

Како што пишуваа медиумите, претходно вакви снимки од телефонски разговори објавуваше „обвинетиот во случајот „Шпион“, новинарот Зоран Божиновски, а папки со прислушувани материјали беа пронајдени и во компјутерот на Захир Бекири Чауш како и на усб и хард дискови чувани во неговиот дом во фолдер именуван – ЗАЕВ-СДСМ“.

Во април оваа година (2019) за време на претседателските избори на руската социјална мрежа „ВКонтакте“ од корисник со псевдонимот „Илија Громовник“, беа објавени прислушувани телефонски разговори на поранешни и сегашни  функционери, аналитичари и претставници на јавни фирми.

Во мај 2019 година беше објавена аудио снимка на руската социјална мрежа vkontakte во која се слуша пратеникот Павле Богоевски како нарачува „пола“ од нешто. Тој што ја објави снимката тврди дека станува збор за дрога, а според Богоевски тој нарачувал масло од канабис за блиска роднина. Во јуни Богоевски официјално си поднесе оставка од функцијата пратеник.

Истиот месец на Фејсбук од профил именуван како „Ел Чека“ беа објавени шест прислушувани разговори, пет на албански јазик, за кои  во описот е наведено дека зборуваат политичарите од ДУИ: Блерим Беџети, Муса Џафери, Бекир Асани. Еден од разговорите е на македонски јазик, а објавувачот тврди дека е помеѓу поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.

Јавноста, засега, нема информација од каде протекуваат сите овие телефонски разговори.

Според Фејсбук статусот на потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски најголеми предизвици на сите безбедносно-разузнавачки служби е справувањето со неконвенционалните форми на загрозување на националната безбедност и стратешките интереси, преку употреба на алатки на специјална (информациска) војна, денес познати како хибридни закани.

Хибридните закани (комбинација на легални и нелегални дејствија со цел) ги употребуваат поединци, групи, движења, политички партии, влади и разузнавачки служби, заради остварување на нивни цели и интереси или за попречување на интересите на земјите во кои продуктите на хибридните закани се пласираат. Актуелната снимка на т.н., “пранкери” е класичен пример на хибридна алатка. Легалноста на оваа хибридна алатка е само правото на комуникација. Нелегалноста на оваа хибридна закана е лажното претставување, употребата на агенти провокатори зад превез на „пранкери“ и прикривање на нелегалноста и злоупотребата на медиумите на т.н., пранкери зад превезот на слободата на изразување и слободата на медумите како демократска вредност – пишува Ременски.

Професорот Јове Кекеновски вели дека постојната законска регулатива не дава доволна и сериозна гаранција за заштита од незаконско снимање, прислушување и објавување на телефонски разговори. Во изјавата за „Мета“, тој нагласува дека „при ваква власт и опозиција, правосудство и полиција каква и регулатива да донесете нема да има никаков ефект“.

Според него, проблемот е повеќеслоен.

Најнапред, никој никому не му верува, изгубена е довербата во институциите. Поделеноста во самите инстутуции и поларизираноста помеѓу партиите е сѐ уште голема. Не се расчисти и нема никаков епилог со претходните снимени разговори, а во однос на ново објавените тајно снимени разговори институциите се немоќни. Во овој контекст не смее да се занемари фактот дека во отсуство на ефикасен систем на заштита од незаконско прислушување и објавување на разговорите, како и ефективна и цврста законска регулатива со драконски казни, странските служби најдоа плоден терен и ,,село без кучиња” и за жал во зависност од нивните интереси тргуваат со снимените разговори со политичките партии и политичари – вели Кекеновски.

Тој напоменува дека не смее да се занемарат ниту „гласините од минатото дека големите политички партии и одредени бизнисмени поседуваат нелегална опрема за прислушување и имаат всопоставено нелегален паралелен систем за прислушување“.

Извршната директорка на Коалицијата „Сите за правично судење“, Натали Петровскасмета дека базичната основа за постоење на гаранции за заштита од незаконско снимање е исполнета, со оглед на фактот дека и Уставот на Република Северна Македонија(РСМ) и Кривичниот законик обезбедуваат заштита на приватноста на граѓанинот. 

Кривичниот законик на РСМ во чл.152 детално ја уредува можноста за снимање и објавување на снимки како противправно дејствие, па така истиот предвидува дека се работи за дејствие кое се состои од неовластено креирање на фотографски, филмски или видео снимки на друго лице или на неговите лични простории без негова согласност, повредувајќи ја неговата приватност, како и лицето што таквите снимки непосредно ќе ги пренесе на трето лице или ќе ги покаже или на друг начин овозможи со нив да се запознае друго лице. За ова кривично дело е предвидена и казна затвор, во зависност од својството на извршувачот на делото, па така истата варира од парична до казна затвор од 3 години – наведува Петровска во изјавата за „Мета“.

Притоа таа додава дека самата инкриминација на ова дело, како и фактот дека процесните закони, пак, од друга страна креираат и дополнителна сигурност кога станува збор за доказни материјали прибавени на овој начин – преку незаконско снимање, со тоа што во голема мера ја лимитираат нивната употребна вредност како докази, упатува на повеќеслојна заштита, односно „пречки” за примена на незаконски снимени материјали во повеќе нивоа.

Петровска укажува дека „единствено ограничување на ова право на заштита на приватноста среќаваме во случаите кога државата на легитимен начин преку своите органи и со посебна дозвола (Посебни истражни мерки-ПИМ) , предвидена во Законот за кривична постапка, како и во Законот за следење на комуникациите, би овозможила прибирање на овој вид на докази односно материјали. 

Од друга страна, пак, Петровска напоменува дека и покрај предвидената заштита, во последниов период сме сведоци на зголемениот тренд на неовластено снимани разговори најчесто на државни функционери, кои многу често завршуваат на “црниот пазар” или пак се дистрибуираат и се прават достапни за јавноста на канали кои немаат изворно потекло и не се регистрирани во РСМ сé со цел поттикнување на евентуална политичка нестабилност или политички процеси кои би влијаеле на општествените текови во државата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Како порталот Спутник, гласноговорник на Кремљ, известуваше за македонските избори?

Два лајт мотива беа содржани во најголемиот дел од анализите и текстовите за изборите во Северна Македонија низ призмата на проруски Спутник. Првиот е дека С. Македонија има притисоци...