Бројот на загинати во налетот на циклонот „Ава“ во источниот дел на островот Мадагаскар се зголеми на 25 лица, а повеќе десетици се водат како исчезнати, соопштиле властите на островот, јавуваат светските агенции. Поради невремето евакуирани се повеќе од 17.000 лица.
Од владата на Мадагаскар соопштиле дека опасноста поминала и дека се укинати сите предупредувања за појава на невреме. Силното невреме го погоди Мадагаскар во петокот, минатата недела, а вчера го зафати источниот дел на островот.
Силните ветрови и дождови погодија повеќе градови од кои дел се најдоа под вода, како што Таматаве и некои квартови од главниот град Антананариве, а голем дел од патиштата беа поплавени и затворени за сообраќај.
Мадагаскар, која е една од најсиромашните земји во светот и се наоѓа во Индискиот океан во близина на источниот брег на Африка, редовно го погодуваат тропски бури, а во последното големо невреме во март 2017 година загинаа 78 лица.
Во последните 10 години островот го погодиле 45 тропски бури.