Пред една година невремето предизвикано од обилни дождови и силен ветер во Скопскиот Регион кај населените места Стајковци, Смиљковци, Синѓелиќ, Ченто, Црешево предизвика поплави во кои загинаа 22 лица, десетици беа повредени, а причинета беше голема материјална штета.
Граѓаните од целата држава се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите, а 8 август 2016 беше прогласен за Ден на жалост во Република Македонија.
На дел од улиците поплавени беа сите дворови, подруми и првите катови на куќите, а водата однесе и дел од бетонските огради на куќите како и нивната покуќнина.
Жителите, војската, но и повеќемина доброволци со денови по поплавата со кофи и со пумпи ја испумпуваа водата и ги исфрлаа калта и ѓубрето од поплавените домови.
На 6 август 2016 година во текот на 24 часа во Скопје наврнаа 92,9 литри на квадратен метар, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.