Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, и со Марко Мантованели, директор на Светска банка за Македонија.
Ван Гелдер соопштила дека Светска банка ќе продолжи да дава поддршка за напредок и за развој и дека со економскиот тим на Владата ќе се работи на утврдување и на поткрепа на краткорочните приоритети на Македонија, соопшти владината прес-служба.
На средбата се разговарало за поддршка на системот на менаџирање со јавните финансии, за конкурентноста на економијата, за енергетската ефикасност, како и за поддршка за пораст и за развој на домашните фирми за да отвораат нови добро платени работни места.
„Претставниците на Светска банка изразија силна поддршка за економските политики на Владата и заеднички беше оценето дека по завршувањето на политичката криза, со реформските процеси од планот „3-6-9“ се отвораат нови можности за економски пораст и развој на Македонија“, информираат од Владата.