Премиерот Зоран Заев испрати честитка до премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, за приемот на Црна Гора во Северноатлантската алијанса (НАТО).
„Овој сигнал на отворени врати на Алијансата е силна мотивација за новата влада на Република Македонија да продолжи да работи според демократските вредности и владеењето на правото, вложувајќи во потребната модернизација на Армијата според стандардите на НАТО, за во најкус можен рок да ја обезбеди атлантската иднина и на Република Македонија“, се вели во честитката на Заев.
Во честитката се додава дека примерот што го дава Црна Гора е порака дека ако има политичка волја и граѓанска свест за важноста на потребните реформски процеси, тогаш нивното исполнување се реализира со потребната динамика и тоа ги отвора перспективите и за луѓето и за државата.
„НАТО е, пред сè, сојуз на демократии и граѓаните на Македонија, на Црна Гора и на целиот регион имаат потреба да бидат дел од цивилизираниот свет што носи стабилност и безбедност“, се додава во честитката.