Американскиот телекомуникациски гигант „Еј-ти енд ти“ (AT&T) објави дека ќе ја купи медиумската групација „Тајм Ворнер“ за сума од речиси 86 милијарди долари, јавуваат светските медиуми.
Зделката, која е една од најголемите оваа година, сè уште чека одобрување од регулаторите, пренесува „Би-би-си“.
Доколку преземењато помине, тоа ќе значи ставање под една капа на дистрибуциската мрежа на „Еј-ти енд ти“ со содржините од филмските студија на „Ворнер бродерс“ и кабелските телевизии „Ејџ-би-о“ и „Си-ен-ен“, поради што договорот најверојатно ќе биде многу внимателно анализиран од антимонополиските регулатори во САД.
„Еј-ти енд ти“ во моментов е трет најголем кабелски оператор во САД.
Рендал Стивенсон, кој истовремено е претседател на управниот одбор и извршен директор на „Еј-ти енд ти“, изјавил дека според него нема никакви регулаторни пречки и дека сите прашања, за кои постои загриженост, можат да се надминат.
„Ова е совршено совпаѓање на две компании со комплементарни предности кои можат да донесат свеж пристап во начинот на работа на медиумите и комуникациската индустрија за своите клиенти, дистрибутери и огласувачи“, изјавил Стивенсон.
Во изјавата од „Еј-ти енд ти“ било наведено дека целта на договорот е да им се даде на клиентите „неспоредлив избор, квалитет, вредност и искуство, кои ќе ја дефинираат иднината на медиумите и комуникациите“ и дека новата компанија „ќе го води новиот бран на иновации во медиумската и во комуникациската индустрија“.
Републиканскиот кандидат за претседател на САД, милијардерот Доналд Трамп, вчера, пред самото објавување на договорот, изјавил дека доколку стане претседател, ќе ја блокира зделката меѓу „Еј-ти енд ти“ и „Тајм Ворнер“.
„Тоа е концентрација на премногу моќ во рацете на малкумина“, рекол Трамп.