Русија подготвува економски санкции од „широк опсег“ кон Турција, по инцидентот пред два дена, во кој беше соборен руски воен авион на турско-сириската граница, јавуваат светските медиуми, повикувајќи се на изјава на рускиот премиер, Дмитри Медведев.
Медведев, како што пренесува „Би-Би-Си“, денеска изјавил дека мерките ќе бидат подготвени за неколку дена, а можно е со нив да бидат погодени инвестициите што ги имаат двете земји.
„Владата доби инструкции да изработи систем од економски и од хуманитарни мерки како реакција на овој акт на агресија“, рекол Медведев.
Покрај тоа, од руското министерство за одбрана денеска соопштиле дека се суспендирани сите канали за комуникација меѓу руската и турската војска, вклучително и „жешката линија“ (hot line) што служи за избегнување воздушни инциденти.