Македонија ќе ја заврши годината со раст околу 3,5 отсто, што е над просекот во регионот, оцени денеска претставничката на мисијата на ММФ, Ивана Владкова Холар.
– Порастот за оваа година е над просекот во регионот и е проектиран да изнесува околу 3,5 проценти и незначително да се зајакне следната година. Растот е балансиран и го одразува зголемениот извоз, како и зголемената лична потрошувачка – изјави Владкова Холар.
Според вицепремиерот и министерот за финансии, Зоран Ставрески, македонската економија во првите девет месеци оствари солиден економски пораст, кој покажува дека здраво се поставени политиките кои го овозможуваат тој раст.
– Во 2014 година очекуваме раст кој ќе се движи меѓу 3,5 и 3,8 проценти, што е една од највисоките стапки во Европа, можеби највисока и за следните две години – рече Ставрески, додавајќи дека очекуваат висок економски раст кој ќе се приближи околу 4 и над 4 проценти.
Ставрески оцени дека Владата успеала со добра координација на фискалната и монетарната политика да создаде добар амбиент за поддршка на домашните фирми. Министерот рече дека очекуваат да се задржи стабилноста на денарот и можноста и фирмите да дојдат до кредитни средства што им се потребни за инвестиции.
Вицепремиерот истакна дека државниот долг е на ниво кое е најниско во регионот и меѓу пониските во Европа.
– Во таа насока се и мерките за фискална консолидација што се предвидени, а следниот период во насока на постепено намалување на буџетскиот дефицит. Тоа намалување, како што препорача ММФ, ќе се одвива со онаа динамика која е потребна за да не се наруши растот – истакна Ставрески.