!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев го осуди насилството во изборниот процес и повика на воздржаност


       
Скопје, 4 октомври, 2017 - 21:58 (META) 

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, на вечерашниот митинг во Ѓорче Петров рече дека државата ќе даде повеќе пари кон општините и ќе помогне во гасификацијата за да се намали загадувањето, но и за да се намалат трошоците на граѓаните.

– Ќе работиме за граѓаните да имаат чист воздух и вода и услови за здрав живот. Општината Ѓорче Петров ќе биде поддржана за целосна гасификација. Јас сум првиот градоначалник кој гасифицирал општина и знам како тоа се прави – рече Заев.

Во говорот пред граѓаните, тој осуди какво било насилство во изборниот процес и повика на воздржaност од активности кои би оставиле дамка на овие избори.

– Урнавме режим со пенкало. Владата и надлежните институции ќе имаат нула толеранција за прекршување на изборниот процес. Сакаме кристално чисти избори – додаде Заев.

За неговите противници, Заев рече дека секој глас за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е глас за Никола Груевски.

– Груевски нема каде да бега од правдата. Правда ќе има и ќе одговара пред независните судови како што личи во секоја демократска земја – рече Заев.