ВМРО-ДПМНЕ: Манчевски сака закон за партизација на медиумските регулаторни тела


       
Скопје, 12 јуни, 2018 - 16:13 (META) 

Дамјан Манчевски денеска изврши класичен притисок врз законодавната власт со намера да се донесе неквалитетен закон кој што ќе овозможи груба партизација на медиумските регулаторни тела, обвини ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи на денешната прес-конференција на министерот за информатичко општество и администрација. Манчевски обвини дека опозицијата го кочи донесувањето на Предлог законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и со голем број амандмани се се бори да ги задржи нејзините кадри во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и во Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија (МРТ).

„Тоа што ја интересира СДСМ е набрзина носење на закон кој што ќе им овозможи владеење со медиумски креиран мрак и лишување на граѓаните од информациите за неработењето, партизацијата на администрацијата, злоупотребите на власта, штетните политики во сите сфери, осиромашувањето на граѓаните, девастирањето на државата дома и на меѓународен план“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија вели дека собраниските комисии работат со определена динамика која овозможува квалитетна дискусија која ќе донесе подобрен законски текст, „а во таа насока се и поднесените амандмани од ВМРО-ДПМНЕ“.

„Притоа амандманите содржат квалитетни решенија кои го подобруваат текстот на Законот и нема да дозволат власта да има целосна партиска контрола врз независните тела. Доколку ВМРО-ДПМНЕ сакаше да го блокира процесот на носење на законот немаше да поднесе само 60-тина амандмани, кои сепак, произлегуваат од јавните расправи организирани во Собранието и согласно размислувањата за подобар законски текст“, се вели во партиското соопштение.