fbpx

ЦУП: Да се укине платеното политичко рекламирање и да се воспостави минимум контрола врз порталите

Бидејќи врз интернет порталите не се применуваат одредбите од Законот за медиуми, преку нив може да се загрозува националната безбедност, да се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок, оружена агресија и конфликт или да се поттикнува дискриминација, нетрпеливост и омраза, а сепак истите може да добиваат пари од буџетот на државата, се вели во истражувањето

-

Доколку платеното политичко рекламирање не биде укинато, потребно е Министерството за правда и Државната изборна комисија (ДИК) да донесат подзаконски акти за подобро да го уредат водењето на Регистарот за радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми (портали), како и за подобро да ја уредат постапката за исплата на финансиските средства, покажува последното истражување на Центарот за управување со промени (ЦУП).

Дополнително, истражувањето покажува дека треба да се воспостави барем минимална контрола врз електронските медиуми (портали) при нивното впишување во Регистарот на ДИК.

„Изборниот законик е еден од оние во кои е дадено дискреционо право на Државната изборна комисија (ДИК) да исплаќа буџетски пари за платено политичко рекламирање без јасни законски критериуми, единствено врз основа на извештај од страна на корисникот, а ДИК ги исплаќа трошоците за објавеното платено политичко рекламирање врз основа на доставена фактура од страна на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет портали) во рок од 30 дена од објавување на конечните резултати“, се вели во извештајот.

Од ЦУП велат дека праксата покажува дека Државната изборна комисија не спроведува никаква постапка и не донесува особено образложени одлуки за прифаќање и исплата на трошоците за објавеното платено политичко рекламирање, што е во спротивност со Законот за општата управна постапка.

„Изборниот законик дозволува буџетски средства да се даваат за платено политичко рекламирање на интернет портали, кои не се регулирани како медиуми со системската законска регулатива, односно Законот за медиуми. Тоа значи дека буџетски пари може да се доделуваат на „субјекти“ кои немаат впишано медиумска дејност во Централниот регистар, поради тоа што порталите не се форма на медиум кој е уреден со Законот за медиумите“.

Дополнително, велат од ЦУП, бидејќи врз интернет порталите не се применуваат одредбите од Законот за медиуми (кој пропишува почитување на минимум стандарди на квалитет, професионалност и пристојност), преку нив може да се загрозува националната безбедност, да се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок, да се повикува на оружена агресија и конфликт или да се поттикнува дискриминација, нетрпеливост и омраза, а сепак истите може да добиваат пари од буџетот на државата.

„Електронските медиуми (портали) кои добиваат средства од буџетот за платено политичко рекламирање, немаат вработени со статус на новинари, ниту пак имаат обврска да вработат или ангажираат уредници, да имаат импресум, а немаат ниту експлицитна обврска да вршат исправка на неточни податоци, што значи дека истите може да бидат извор на лажни вести, говор на омраза или ревизионистички говор, а да добиваат средства од буџетот на државата“, се вели во истражувањето.

Таму се додава дека додека радиодифузерите се под постојан мониторинг од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за политичките кампањи кои ги реализираат во минути и во секунди, електронските медиуми (портали) без никаква контрола пријавуваат средства за наплата по свое видување, што остава огромен простор за злоупотреба.

Инаку, од ДИК неодамна изјавија дека има направено проценка според која само за платено политичко рекламирање за двојните избори се предвидени 656 милиони денари или над 10.614.000 евра.

Овој концепт на платено политичко рекламирање во изборниот процес е силно критикуван од професионалната медиумска фела и веќе долго време се истакнува потребата од негово укинување. Овој став е изнесен во извештајот на OSCE/ODIHR за локалните избори во 2021 година, а континуирано се спомнува и од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Сумата која може да се исплати на еден електронски медиум (интернет портал) и
печатени медиуми од еден учесник во изборниот процес, не може да биде поголема од 15.000 илјади евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ.

Вкупната сума која еден учесник може да ја потроши за медиумско претставување на сите електронски медиуми (интернет портали) и печатени медиуми, не може да опфаќа повеќе од 25% од распределените финансиските средства за платено политичко рекламирање.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ДИК апелира да не им се попречува работата на новинарите за време на изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска достави писмен одговор по испратената претставка од страна на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), поврзана со случајот со прекршувањата на правата на новинарката...